Македонските граѓани кои беа регистрирани на аеродромот во Кабул се качени на воените летови и се трансферирани во Доха и Абу Даби, информираа денеска од Владата на Република Северна Македонија.
Tие посочија дека сите граѓани се на безбедно и дека дипломатската мрежа на МНР во овие земји е во директен контакт, а тие наскоро продолжуваат кон Скопје.
„Според последните информации, 14 наши граѓани сѐ уште се наоѓаат во НАТО базата во Кабул и согласно распоредот за евакуација, дел од нив се очекува до утре да бидат безбедно транспортирани. Тројца остануваат во НАТО базата, согласно нивниот распоред на обврски“, се додава во соопштението на Владата.
Како што објаснуваат оттаму, Владата има преземено обврска за прифаќање на 450 граѓани локално население од Авганистан. Тие додаваат дека се работи за вработени, жени и деца од семејства на вработени во хуманитарни и миротворни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години биле поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан.
„Најголем дел од 450-те граѓани кои се очекува да пристигнат до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се координирани и организирани од страна на американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ)“, додаваат тие.
Исто така, Владата, донела одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и земјава пак, во целост ќе бидат покриени од меѓународните организации и САД, се до нивното заминување кон САД или до трети земји, како нивна крајна дестинација.
„Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, на брз и ефикасен начин да ги завршуваат сите оперативни, безбедносни и административни обврски за прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за нивно спроведување до хотелските капацитети во кои ќе бидат сместени“, се додава во соопштението.