„Со голема радост известуваме дека студентите од самохрани и еднородителски семејства повторно ја имаат поволноста на намалување на партиципацијата и школарината при упис на семестар! Тукушто бевме известени од надлежните органи на УКИМ дека во однос на ова прашање ќе важат одредбите од стариот правилник според кој овие студенти не ја плаќаат полната сума за партиципација! Не смееме да дозволиме некој да ги прекине студиите поради неможност да уплати семестар!“, соопштија од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Ваквото известување доаѓа откако од здружението „One Can – Уouth“ алармираа дека годинава оваа група студенти не можат да си ги остварат своите права бидејќи при пријавата на дел од македонските факултети тие се целосно изоставени како група во делот наменет за специјални околности. Со ова, тие појаснија дека тие го губат правото на плаќање пониска партиципација на факултетите.
Освен на УКИМ, за Радио МОФ велат дека истиот проблем го забележале и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, за што најавија дека дополнително ќе ги известат и ќе побараат да се вратат олеснувањата за оваа група студенти.