Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) денеска објави документ со кој предупредуваат да не се спроведуваат враќања во Авганистан и побара прекин на присилните враќања на авганистанските државјани, вклучувајќи и баратели на азил кои биле одбиени.
Ваквата реакција следува по брзото влошување на безбедносната состојба и состојбата со човековите права во големи делови од земјата и отпочнувањето на вонредна хуманитарна состојба.
„УНХЦР останува загрижена за ризиците од кршење на човековите права на цивилите во овој контекст кој се развива, вклучувајќи ги жените и девојчињата, оние за кои се смета дека имаат сегашна или мината поврзаност со авганистанската влада, меѓународните организации или меѓународните воени сили“, стои во соопштението на УНХЦР.
Од почетокот на годината, од УНХЦР велат дека повеќе од 550.000 Авганистан се внатрешно раселени како резултат на конфликти и несигурност, а и покрај тоа што цивилите досега само спорадично бегале во помали бројки во земјите кои граничат со Авганистан, тие додаваат дека ситуацијата продолжува брзо да се развива.
Како што посочуваат тие, државите имаат правна и морална одговорност да им дозволат на луѓето кои бегаат од Авганистан да побараат заштита, и да не враќаат бегалци присилно.
Истовремено, тие ги поздравија и постапките на неколку држави за привремено стопирање на депортациите на барателите на азил чие барање било одбиено.
Документот кои тие го објавија, објаснуваат дека останува на сила се додека условите поврзани со безбедноста, владеењето на правото и човековите права не бидат доволно подобрени во државата за да овозможат безбедни и достоинствени враќања.