Речиси 1.000 цивили се убиени во Мјанмар по државниот удар кој се случи на 1 февруари, наведува Асоцијацијата за помош на политички затвореници (ААПП), група активисти кои ги регистрираат убиствата извршени од безбедносните сили, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
„Според нашите податоци, убиени се 1.001 невини луѓе. Вистинскиот број на жртви е далеку повеќе“, наведе секретарот на ААПП, Тејт Ниан.
Портпаролот на војската не одговори на повиците за коментар за овие тврдења. Тие претходно соопштија дека цифрите на ААПП, на кои често се повикуваат меѓународните организации, се преувеличени.
Оттаму, исто така наведуваат дека загинале голем број од припадниците на безбедносните сили. Организацијата ААПП пак, не ги вклучува убиените војници во своите бројки.
Во Мјанмар секојдневно се одржуваат протести во пограничните региони, а бројните штрајкови ја потресоа економијата.
Армијата ја собори избраната лидерка Аунг Сан Су Чи, повикувајќи се на наводни изборни нерегуларности, на кои во ноември минатата година победи нејзината партија Национална лига за демократија.