Владимир Јанковски, добитник на „Роман на годината“: Луѓето се постојано пред екран, ама не се таму за да читаат книги

„Мноштво од приказни, многу од нив за нашата внатрешност, а уште повеќе за нашата надворешност.“

Вака, во една реченица писателот Владимир Јанковски го опишува својот роман „Скриени желби, немирни патувања“, за кој вечерва ќе му биде доделена наградата „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“. Поводот го искористивме за да поразговараме за наградениот роман, за литературата и хиперпродукцијата на текстови, но и за односот на младите и општеството кон пишаниот збор.

„Скриени желби, немирни патувања“ е мозаичен роман во кој врз основната приказна за четири ликови се вкрстуваат приказните на педесетина луѓе од различни географски меридијани. Секоја куса приказна функционира и сама за себе, но и испреплетена со останатите од романот, носејќи ни по еден сегмент од времето во кое живееме. Ова се ликови од сегашноста, кои го живеат својот живот повеќе или помалку задоволни од него, но со малку храброст за некаква промена.

И мотивот на авторот е таа, да напише една концизна книга за сегашноста, која нема да биде обременета од вишокот зборови.

„Многу повеќе верувам дека целта на писателот е да крати, да брише од она што го има напишано, да се обиде она што го кажува да го каже со колку што е можно помалку зборови, колку што е можно поконцизно. Од една страна мотивацијата може да се согледа како обид за еден вид концизен израз којшто би можел да дојде до поширока публика, а од друга страна поврзана е до една  тема која многу ме опседнува во изминатите години, а тоа е темата за хипепродукцијата, не само на уметнички, но и медиумски производи кои постојат кај нас,“ вели писателот.

И така, од темата „Роман на годината“, разговорот преминува кон хиперпродукцијата на уметнички и медиумски текстови, нешто што го вознемирува писателот. Истакнува дека во времето во кое живееме, многу е тешко да се оддели квалитетот во квантитетот.

„Зар не произведуваме огромно количество на шунд? Во потребата да создадеме одредена содржина се чини дека создаваме огромно количество на медиумска или уметничка „џанкфуд“, која повеќе ги загадува оние коишто ја конзумираат, отколку да влијае позитивно на нивната потреба да се информираат, да се унапредат, да дознаат нешто повеќе…“  забележува добитникот на „Роман на годината“.

Затоа и неговата намера е со помалку да каже повеќе. Да крати се додека не дојде до суштината. И не тагува по тоа, туку чувствува одредена леснотија.

„Сметам дека ова е еден начин на одговорност кон текстот, кон кажаното и кон зборот во времето во кое живееме. Тој треба да биде умерен, концизен и колку што е можно повеќе промислен“, забележува.

Затоа и „Скриени желби, немирни патувања“ е плод на ова размислување. Исто како што ќе биде и говорот за вечерашното доделување, кој според авторот, мораше да биде скратен неколкупати, за да не биде обременет со вишок зборови. А наградата на Јанковски му е навистина важна, бидејќи доаѓа од жири кое го почитува, а селекцијата е процес кој е транспарентен и медиумски видлив, па претставува еден вид репер којшто треба да се применува. Исто како што треба да биде видлива и литературата.

„Факт е дека живееме во време во коешто уметноста има одредена видливост, но таа не е толку присутна на мејнстрим медиумите, на националните телевизии коишто допираат сепак до најширок круг публика, а од друга страна ја имаме видливоста којашто  постои на социјалните мрежи, на порталите, на таков тип медиуми кои се исклучително важни, но не се доволни. Наградата „Роман на годината“ го проширува тој ограничен простор на медиумско присуство на литература и воопшто на уметноста и така информациите за одредена книга да дојдат до поширок круг на публика“, смета Јанковски.

За него литературата отсекогаш била нешто што е поврзана со самиот живот. Вели дека никогаш не ја гледал како уметничка дисциплина, занает или умешност која е надвор од животот.

„Без разлика на каков стил ќе се одлучите да пишувате, без разлика кои занаетски елементи ќе ги искористите со цел да допрете до поширока публика, сржта на секоја добра книга е занимавањето со животот. Е сега, занимавањето со животот има две димензии. Од една страна, вие во вашата книга мора да се занимавате со нешто што е универзално, нешто што го интригира човекот во изминатите најмалку три илјади години, во онаа наша цивилизација којашто ја живееме. Но, од друга страна за да бидете релевантни мора да опфатите нешто од современиот миг, од актуелниот начин на живеење. Ако пишувате книга во 17 век зборувате за нешто универзално, но исто така мора да уловите нешто и за животот од времето во кое живеете“, забележува тој.

Затоа и смета дека токму литературата која се пишува во времето во кое живееме треба да ја доближиме до младите, до наставниците, до оние кои ги едуцираат идните генерации. Но, исто така укажува дека ни е неопходна национална стратегија која ќе доведе до зголемување на читателската публика преку зголемено присуство на литературата во јавниот простор, промоции на конкретни книжевни дела, обуки за наставници, сериозни национални програми за поддршка на одредени издавачи, огромен број настани не само во Скопје туку и во другите градови…

„Потребна ни е сериозна стратегија која не може да произлезе ниту од некоја невладина организација, ниту од една издавачка куќа, ниту од Здружени на издавачи, бидејќи треба да биде поголема, посеопфатна, буџетирана на посериозен начин. Тоа може да го направи Министерството за култура, но мора да биде долгорочна стратегија со којашто ќе се менува односот кон литературата и пишувањето, и можеби првите резултати би ги виделе за 10 до 15 години години“, вели Јанковски кој е дециден дека не постојат инстант решенија за овој проблем.

Неговите романи се присутни во библиотеките низ земјава. Ги има и во електронска верзија за да го следат времето во кое живееме, но сепак се купуваат главно испечатени на хартија.

„Се чини дека луѓето се постојано пред екран, ама не се таму за жал да читаат книги“, забележува Јанковски, повторувајќи го проблемот со краткото внимание додека се читаат текстови онлајн.

Проблемот е сериозен, вели тој, посочувајќи дека луѓето читаат само наслови, па огромен број  недоразбирања настануваат затоа што огромен број луѓе не посветуваат внимание на тоа што е прочитано. Во литературата гледа можно решение.

„Литературата треба да е бавен медиум кој ќе го успорува читателот , ќе го забавува процесот. За едно книжевно дело, за еден расказ да прочитате ви треба време. За една песна , иако е куса, физички да се прочита, механички, ви се потребни 15 секунди. Но, вистински за да се прочита можеби ќе ви бидат потребни три минути. Така, литературата може да биде добра алатка за менување на нашиот однос кон содржините. Се научивме премногу брзо да ги перцепираме содржините, премногу лесно, а со тоа и премногу површно да ги примаме медиумските содржини“, смета тој.

А „Скриени желби, немирни патувања“ е книга која се чита брзо, во еден здив. Но, треба да се подзастане за момент, да се размисли, и да се продолжи кон следната приказна.

„Ако барем на некој човек кој ја чита книгата, откако ќе ја прочита, смени барем пет секунди од својот живот или својот ден, тоа ќе ми биде доволна сатисфакција за целисходноста на книгата“, вели писателот.

Ј.Ј.