Доктор Горан Трајковски е специјализант по интерна медицина во Баварија, кој за краток период стана еден од најпопуларните македонски доктори на оваа социјална мрежа, со над 36 000 следбеници. Тој на својот Инстаграм профил @doktor.goran редовно објавува содржини од областа на медицината и пандемијата, едуцира и анимира, давајќи им место на науката и фактите наспроти дезинформациите.
Во кусо интервју за Радио МОФ, тој раскажува за својата мотивација да се биде присутен на социјалните мрежи, за медицината во Македонија и Германија, како и за животот по медицинските ходници.
Зошто одлучивте да снимате видеа со научни содржини на Инстаграм?
Затоа што тоа е форма на уметност, предизвик и огромно задоволство да го пренесеш она кое си го учел со години на наједонставен и лесно сфатлив начин. Воодушевувањето и реакцијата кога ученикот ќе разбере некој концепт се награда за учителот. Тоа е реакцијата која се обидувам да ја предизвикам со дел од видеата.
View this post on Instagram
За кои теми најчесто ги снимате видеата?
На сите актуелни теми, на се што создава несигурност и нејаснотии кај луѓето. Не секогаш стигам тековно да информирам, но сепак сам го водам каналот доктор.горан и покрај другите приватни обврски не секогаш останува доволно време за Инстаграм. Морам да ја пофалам вереницата Александра, секогаш кога има потреба ми помага организациски.
Во време на дезинформации, кои се добрите и лошите работи при споделување на содржини од областа на медицината на интернет?
Добрата страна е што секој од нас има пристап до огромна мрежа на податоци која, искористена правилно, може да те научи повеќе од било кој универзитет. Лошата страна е што понекогаш е тешко да се препознае и отстрани коровот меѓу информациите. Од личен аспект негативна страна е што често сум обвинет за ширење пропаганда за вакцинација и дека сум платен од некоја мистериозна влада или личност.
Кој е вашиот впечаток од размислувањата и прашањата кои ги добивате, за кои теми има највеќе интерес?
Интерес има за сите теми од медицината, секој кој има одреден проблем ми пишува предлог за видео. Најмногу обработувам теми од интерна медицина.
View this post on Instagram
Каков фидбек добивате, и какви се реакциите на вашите следачи?
Досега воглавно позитивен фидбек, но секако дека има и негативни коментари. Некогаш и ме допираат тие коментари, посебно кога нешто е погрешно сфатено. Но мислењето на другиот за тебе базирано на неговите ограничени информации и различна перспектива кон светот не смеат да влијаат на тоа како се доживуваш себеси.
Која е разликата помеѓу животот на еден млад доктор тука и во Германија?
Јас во Македонија не бев во работен однос туку како волонтер на Кардиологија па не можам да направам точна споредба, но откако дојдов во Германија последните 5 години мојот живот се врти само околу медицината, пациенти, болести. Медицинските ходници станаа мојот дом (затоа во Aмерика овој период се нарекува „residency“), социјален живот освен со фамилијата и колегите скоро и немам.
Додека бев во Македонија имав повеќе време за одмор но многу помалку напредував. Тоа е моето лично искуство, што не значи дека мора да важи за сите.
Кои се добрите, а кои лошите работи за медицинарите тука?
Лошата страна е што за да напредуваш доволно е да си зачленет во точната партија во даден период, тоа е тешко да се искорени и ја уништува медицината. Вистинските таленти често не го добиваат она што го заслужуваат.
Добрата страна е што односот помеѓу колегите е многу поблизок и на пријателска база.
View this post on Instagram
Каде треба младите медицинари да ја бараат мотивацијата?
За жал имаше многу малку асистенти или професори кои вистински не мотивираа да продолжиме, имаше дел од асистентите кои ни препорачуваа да се откажеме од факултетот додека е време (во втора година). Според мене тие луѓе не треба да имаат никаков контакт со студенти. Мотивацијата е менлива, варира во текот на годините, дисциплината и истрајноста се тие кои те водат до целта. Доколку имаш цел пред очи која вистински ти значи мотивацијата ќе дојде сама.
Кои се препреките за мигрирање на македонски лекар во Германија и добивање лиценца за работа?
Освен јазикот нема ниедна друга препрека, се останато е само сложена документација која треба да се пополни и поднесе.