Во црногорското етно-село „Брезна“, кое е оддалечено 34 километри од Никшиќ, десетта година по ред се одржува натпреварот во излежување. Осум натпреварувачи се во игра за 300 евра на јубилејното издание на натпреварот кој започна денеска. На почетокот на годината, организаторите најавија дека поради пандемијата, ќе важат некои посебни правила.
„Прва награда 300 евра. Правилата се исти: Уживање, спиење, читање книги, јадење, пиење, се е дозволено освен станување “, стои во известувањето објавено на Фејсбук, појаснувајќи дека меѓу натпреварувачите ќе има оддалеченост од 10 метри.
Досегашниот рекорд во излежување е 52 часа.
На почетокот на годината, пак, организаторите објавија дека се одвива „натпревар во самоизолација наместо излежување“ поради коронавирусот, пренесува Н1.
Сите учесници мораа да се придржуваат кон правилата што предвидуваа да останат сами во колибата и да не одат никаде, да ја одржуваат колибата чиста и да не користат телефон, телевизија, алкохол и тутун. Организаторите обезбедија храна за седум дена, па и подолго. Дозволени беа книги, цртежи и „се што е здраво за човечката душа“, а победникот доби награда од 300 евра.