„Секој човек има право на образование без разлика на пол, возраст, национална или верска припадност и без разлика на психофизичките способности. И глувите лица како и останатите граѓани и членови на општествената заедница имаат право на образование. Луѓето често имаат предрасуди кон глувите лица поради слабо развиениот говор, ограничениот фонд на зборови кои го користат и неможноста да се воспостави лесна комуникација. Но, глувоста не значи дека човек нема капацитет да научи“.
Ова е дел од одговорот на Христина Божиновска Ѓикова, претседателка на Младинското здружение на глуви и наглуви „Млад знак”, со која разговаравме за тоа колку студирањето на факултет им е навистина достапно на глувите лица и лицата со оштетен слух и колку за време на студиите навистина овие студенти имаат еднакви можности за учење како и останатите нивни колеги.
„Во нашата држава, поради не обезбедување на толкувач на македонскиот знаковен јазик од страна на државните институции, лицата со оштетен слух наидуваат на проблемите за време на студии како што се комуникацијата и следењето на предавања и вежби“, забележува таа.
Ова е една од причините поради која ниту еден од членовите на „Млад знак“, не одлучил да продолжи со своето образование на факултет. Но не е единствената. Во Македонија од 2009 година постои Закон за употреба на знаковниот јазик. Согласно со одредбите од овој закон, глувите и наглувите лица можат да го остварат правото на толкување од говорен јазик на знаковен јазик и обратно, но најмногу до 30 часа годишно. Но, за жал, како што забележува Божиновска Ѓикова, оваа одредба се уште не се спроведува.
„Дури и кога би функционирала беспрекорно, 30 часа годишно нема да ги задоволат потребите на глувите студенти во високото образование ниту за еден месец. Поради тоа, најголем дел од глувите лица немаат желба за продолжување на високо образование, иако според член 24 од Конвенцијата за права на лицата со инвалидност е загарантирано правото на образование, без дискриминација и врз основа на еднакви можности“, истакнува таа.
Или како што додава, Конвенцијата предвидува за лицата со оштетен слух да се овозможи обезбедување на изучувањето на знаковниот јазик и унапредување на лингвистичкиот идентитет, да има мерки за вработување на наставници, вклучувајќи и наставници со инвалидност кои се квалификувани за знаковен јазик. Конвенцијата гарантира пристап на лицата со инвалидност во високото образование без дискриминација и на еднаква основа со другите.
Теа Мицевска, студентската правобранителка на УКИМ забележува дека пандемијата дополнително ги погоди најранливите студенти, меѓу кои и студентите кои се глуви или имаат оштетен слух.
„Во таа насока од иманентно значење е да се потенцира дека знаковниот јазик е единствениот начин да се обезбеди еднаквост на глувите лица како во образовниот процес, така и во сите останати сфери во општеството“, забележува Мицевска.
Таа додава дека досега ниту еден од студентските правобранители на факултетите немал конкретна пријава од студент од оваа категорија, но силно ги охрабрува ранливите студенти да пријавуваат, алармираат и да бараат помош.
„Инклузивноста, еднаквоста и недискриминацијата се вредности кои ги следиме како студентски претставници и кои би сакале да претставуваат симбол на препознатливост на нашиот Универзитет. Во таа насока, за да може да се пружи помош и да се дејствува во вистински правец, неопходно е да бидеме во постојана комуникација со студентите. Таквата комуникација може да биде остварена преку поднесување на пријави преку кои ќе бидат пренесени предизвиците со кои се соочуваат студентите за да може да се најде соодветен начин како да бидат решени проблемите и како да се подобрат условите на студирање кои се достапни сега“, укажува правобранителката.
И покрај отсуството на пријави од глувите студенти, Мицевска вели дека студентските претставници се свесни за предизвиците со кои се соочуваат, но и за потребата од подобри услови за следење настава. Нагласува дека и професорите кои ги водат предавањата за лицата кои се глуви или имаат оштетен слух треба да имаат повнимателен пристап како на пример, овозможување на место за седење во првите редови, без вртење на грбот кон студентите. Вистинско решение гледа во ангажирање на толкувачите за глувите студенти по примерот на образовните асистенти во училиштата.
„Инклузијата во општеството како целина започнува од самиот образовен процес, па затоа е истакнат и овој пример, бидејќи на сосема идентичен начин би можело да се обезбеди директен пристап до знаковниот јазик на универзитетите или пак комуникација преку сертифицирани толкувачи на знаковен јазик кои се во редовен работен однос“, вели таа.
Инаку, почитување на човековите права и слободи и гарантирање на принципот на еднаквост и заштита од дискриминација се наведени меѓу основните начела на високото образование во Законот за високо образование. Стојат и во статутот на УКИМ, најголемиот македонски универзитет кој предвидува формирање посебно Тело за еднаквост, недискриминација и инклузија. Сепак, и покрај преземените обврски, ова тело се уште не е формирано.
За Божиновска Ѓикова од „Млад знак“, напредок на државата започнува од образованието во кое не треба да има место за дискриминација.
„За да се запре дискриминацијата кон студентите со оштетен слух, потребно е да се увидат недостатоците во однос на образованието на глувите лица и да се обезбедат толкувачи на македонски знаковен јазик во рамките на високообразовните институции за да можат глувите лица да бидат рамноправни со останатите студенти кои не се со оштетен слух. Нашите надежи се оптимистички и веруваме дека во блиска иднина ќе се воочат потребите на глувите лица во високото образование и ќе се подигне свеста дека и глувите лица во нашата држава имаат капацитет за високо образование, особено кога ќе им се обезбеди соодветна поддршка“, заклучува таа.
Ј.Ј.