Филипче: Средните училишта во Полошкиот Регион да почнат со онлајн настава, основните со физичко присуство

Комисијата за заразни болести донесе препорака средните училишта во Тетово и Гостивар првите две недели од новата учебна година да ги започнат со онлајн настава. Основните училишта, пак, може да почнат со физичко присуство.

За понатаму како ќе биде, ќе се одлучи според ситуацијата со бројот на нови случаи на Ковид-19, информираше денеска министерот Венко Филипче.

Една од главните причини да се донесе ваква одлука, посочи тој, е оптоварувањето на болниците поради што пациентите од овој крај се носат во Скопје.

„Средните училишта и бројката на учениците кои се во средни училишта во Тетово и Гостивар е прилично висока и може да биде дополнителен ризик фактор. Иако, мора да потенцирам дека немаше трансмисија во училиштата за време на минатата учебна година кога 40 отсто беа во училниците. Но, ние мораме да сме внимателни. Сега сепак тука имаме преполни болници. Не можеме и не сакаме да преземеме ризик да се случи уште едно дополнително влошување на состојбата и уште еден дополнителен притисок врз болничките капацитети“, рече Филипче.

Според него, позитивно е тоа што бројките постепено се намалуваат. Ова како што истакна министерот Филипче, се должи на масовната имунизација и стекнатиот имунитет. Во Тетово се отвораат и дополнителни пунктови за вакцинација.

Во однос на студентите кои учат во Тетово, Филипче вели дека прво треба да се разговара со универзитетите за да се видат карактеристиките на одржување настава. Тој забележа дека универзитетите работат во поголеми простории со помалку студенти.

Е.П.