Документарниот филм „Рентгенска снимка на едно семејство“ на Фирузе Хосрованис ја освои наградата „Кромид“ за најдобар филм на 12. издание на „МакеДокс, кое заврши синоќа во Куршумли ан.
„Преку својот брилијантен наративен стил, таа мајсторски го испреплетува архивскиот материјал од минатото со сопствените семејни слики и писма, додавајќи ги нивните недоследности и недостатоци, па оттаму ја расплетува приказната на неодоливо привлечен начин што овозможува подлабоко разбирање“, гласи образложението на жирито во состав: Адел Кохут, Едима Отуокон и Хеле Хансен.
Покрај ова, беа доделени уште четири награди и четири специјални признанија. Па така, специјално признание во Главната програма доби „Гунда” на Виктор Косаковски, бидејќи како што посочија од жирито „дава увид, причина за размислување и набљудување на нашето однесување како луѓе. Направен со голема почит и љубов кон животните, овој филм нѐ импресионираше и нѐ трогна. Зачудувачките визуели на Гунда директно го прикажуваат животот на животните, потсетувајќи нѐ дека животните навистина си имаат свој јазик и дека ако човештвото сака да опстане, ќе мора да слуша“.
Наградата „Млад кромид“ во категоријата „Нови автори“ ја доби „Дида“ на Никола Илиќ и Корина Швингрубер Илиќ, додека Специјално издание доби филмот „Помирување“ на Марија Зидар. Жирот за овие награди беше составено од Викторија Лешченко, Кристин Камдесу и Марион Шмит.
Најдобар краткометражен документарен филм и добитник на наградата „Сечкан кромид“ според комисијата во состав Ивана Тодоровиќ, Маја Новаковиќ и Микеле Сини е „Играта“ на Роман Ходел, бидејќи „режисерот нуди нова перспектива на фудбалот, неверојатни визуели и аудио елементи проткаени во емотивна човечка приказна“. Специјално признание доби „Парченце рај“ на Анджеј Сичоцки.
Наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм ја доби „Веќе никаде не се чувствувам како дома“ на Вив Ли, а жирито во состав Јулија Коваленко, Питер Зах и Ингибјорг Халдорсдотир потенцира дека „овој филм ни даде можност да искусиме длабока тага и носталгија кон домот, комбинирајќи го тоа со иронични моменти“. Специјално признание во студентската програма доби „Си беше еднаш една младост“ на Иван Рамљак.
Наградата за филм со најдобри етички идеи ја доби „Луѓето од гаражите“ на Наталија Јефимкина, а жирито во состав Кристина Горовска, Танкред Ривиер и Ацо Палитов образложи:
„Сакавме да оддадеме почит на скромноста и интелигенцијата со која филмот ја опфаќа оваа галерија на животи кои се чини дека лесно се осудени на презир и заборав. Преку враќањето до ДНК-та на документарниот гест, Наталија Јефимкина трпеливо ја преведува на платното органската реалност што ја набљудува. Таа секогаш ги почитува ликовите со нивниот природен ритам, никогаш не ги поедноставува сложеностите на нивното постоење, ниту ги истенчува бројните слоеви на нивната реалност, и никогаш не ја користи нивната оригиналност ниту нивната чудност со цел да манипулира, осудува или да се исмева. На овој начин таа прави многу повеќе од тоа што ни ги претставува овие животи; таа се бори против искушението светот што ги опкружува да не ги помеша овие „луѓе од гаражите“ со луѓе од „ѓубрето“. Наместо тоа, таа ни покажува, зад секоја од овие скромни врати, постојано рециклирање на нештата, животот, креативноста, љубовта, спомените и прашањата. Таа нè потсетува дека колку и да ни се ограничени нашите човечки искуства во времето и просторот, сепак тие содржат големи резерви на достоинство, и дека тоа достоинство е истовремено скапоцено, кревко и убаво“, се вели во образложението на жирито.
Со прогласувањето на наградените филмови, проекцијата на долгометражниот документарец „Хелмут Њутн: Лошите и убавите“ на Геро фон Бом и концертот на Тони Китановски и неговиот бенд во рамките на „Ноќни приказни“ синоќа се заокружи уште едно издание на „МакеДокс“.
Тоа беше поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Град Скопје, Гете институт Скопје, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Украина во Република Северна Македонија, Здружение на Украинци во Република Северна Македонија во име на Лесја Украинка, Норвешка амбасада Белград, Норвешки филмски институт, Француски институт Скопје, Амбасада на Кралството Шпанија, УНИЦЕФ, СПОНА, Амбасада на Република Чешка и Чешки културен центар Софија.