За првпат материјалите за учење по македонски јазик за четврто одделение ќе бидат дигитализирани. Тоа значи дека многу различни содржини од програмското подрачје Јазик – граматичкиот дел, ќе бидат изучувани и совладани преку дигитални квизови, објаснува авторката на учебникот проф. д-р Јасмина Делчева – Диздаревиќ.
“Преку квизовите на учениците ќе им биде овозможено, сами да доаѓаат до точните решенија. Веќе подолго време педагошката теорија ни зборува за предностите и придобивките на програмираната настава. До сега, немавме начин теоријата да ја преточиме во пракса. Денес, благодарение на дигитализацијата, тоа конечно ни е овозможено, вели Делчева – Диздаревиќ.
Според авторката важно е да се напомене дека при изработката на материјалот за учење се водело грижа за трите принципи на која се заснова новата Концепција за основно образование, а тие се: инклузивност, родова рамноправност и интеркултурност.
“Сите овие принципи се присутни низ содржините и особено во илустрациите, каде во ниеден момент не може да се забележи било каква дискриминација по ниеден основ”, вели Делчева – Диздаревиќ.
Авторката потенцира дека за разлика од материјалите за прво одделение каде вниманието главно е насочено кон описменувањето, тука, во материјалите за четврто одделение се работи најмногу на логичкото и изразното читање.
“Учениците во овој период на нивното образование треба да го разбираат тоа што го читаат, а истото, потоа и убаво естетски да го прочитаат. Особено задоволство, но и голем предизвик беше и изборот на литературни и не литературни текстови, како составен дел од овие материјали. Целта беше да се компилира вреден фонд на литературни текстови што ќе им овозможи на учениците лесен и според нивната возраст и знаење достапен, пристап во светот на убавата литература. Текстовите се ставени во рамки што ќе овозможат интеракција. Целта е да се поттикнат учениците, да размислуваат и разговараат за тоа што ќе го прочитаат, а потоа, и самите да творат”, вели Делчева – Диздаревиќ.
Во согласност со потребите на современиот свет, во овие материјали акцентот е ставен и на медиумската култура и медиумската писменост. На оваа возраст учениците се спремни за посуштинско и попродлабочено читање и разбирање на информациите од медиумите. Развиена медиумска култура и медиумска писменост е неопходен предуслов за функционирање во современиот свет. Преку бројни активности кои го поттикнуваат логичкото размислување, учениците не само што подобро ќе ги разбираат информациите кои се насекаде околу нив, туку и ќе научат како да ги применуваат во секојдневниот живот, да изработуваат плакати и извештаи.