Диригентот на Будимпештанскиот фестивалски оркестар прими „бустер“ вакцина против Ковид-19 на сцена додека диригираше концерт со цел да ги охрабри граѓаните да се вакцинираат.
Иван Фишер го соблече палтото за да ја открие белата кошула со дупка на неговото рамо. Додека и понатаму продолжи да оркестрира со диригентската палка, на сцената излезе доктор кој му ја стави вакцината.
„Со оваа кампања Иван Фишер сака дополнително да ја подигне свеста за потребата од вакцинација. Вакцините ни даваат можност повторно да живееме и да работиме нормално, како претходно“, изјави директорот на оркестарот, Орсола Ердоди, пренесе Еуроњуз.
Ова беше трета доза од вакцината за диригентот Фишер.
Унгарија ова лето имаше поблаги последици од пандемијата за разлика од пролетта кога имаа огромен проблем со раст на бројот на случаите на заразени со вирусот.
Земјата беше една од најпогодените во светот од последиците на коронавирусот. Од почетокот на пандемијата регистрирани се 811 илјади позитивни и дури 30 илјади починати од Ковид-19.