Судија од американската држава Мичиген пресуди на родители дека морат да му платат 30.441 долар на нивниот син поради фрлање во ѓубре на неговата порнографска колекција.
Пресудата на судијата Пол Малони доаѓа осум месеци откако 43-годишниот Дејвид Веркинг ги тужел родителите. Тој во тужбата спорел дека тие немале право да му ја фрлат неговата колекција на филмови, списанија и други предмети, за кои рекол дека во тоа време вределе 29.000 долари.
Веркинг живеел кај неговите родители 10 месеци откако се развел, по што се преселил во друг дом. Откако се распакувал сфатил дека кутиите со неговата порно-колекција недостасуваат.
Татко му во мејл до синот потоа напишал: „Искрено, Дејвид, ти направив голема услуга што ги фрлив тие работи“.
Во пресудата судијата Малони рекол дека нема сомнеж дека предметите биле сопственост на Дејвид, бидејќи обвинетите признале дека ги уништиле.
Родителите на ова се спротивставиле дека тие имале право да го направат тоа како станодавци на нивниот син, но судијата им возвратил дека не постои закон со кој станодавците можат да уништат туѓа сопственост која не им се допаѓа.