Aвиокомпанијаta „Виз Ер“ најави отворање четири нови линии од Северна Македонија кон Италија, Германија и Данска.
Новите дестинации до кои ќе лета „Виз Ер“ се од Скопје до Болоња и Торино во Италија, од Скопје до Билунд во Данска и од Охрид до Фридрихсхафен во Германија. Новите линии ќе започнат со сообраќај од декември оваа година.
Од авиокомпанијата велат дека новите линии ќе се надоврзат на оние кои веќе функционираат од аеродромите во Скопје и Охрид и со тоа „Виз Ер“ ќе ја потврди заложбата на македонските граѓани да им понуди разноврсни дестинации.
„Новите дестинации се уникатини поради нивната култура, природа и гостопримство. Позната по нејзините славни кули, цркви и долги тремови, Болоња е еден од најпопуларните градови во Италија. Градот има голема популација студенти што му дава космополитски карактер. Торино, од друга страна, е познат по префинетата архитектура и кујна. Билунд е дом на вториот најголем аеродром во Данска и е центар за забава во Европа, обезбедувајќи атракции за цели семејства, особено за младите поради славниот Леголенд. Фридрихсхафен пак е лоциран директно на бреговите на Боденско Езеро и природно е склон кон акција, околу и на вода“, стои во соопштението на „Виз Ер“.
Според официјалната страница на „Виз Ер“ летовите Скопје – Болоња ќе сообраќаат секоја недела и среда од 13:40 часот. Од Скопје до Торино ќе може да се лета секоја сабота и вторник од 06:45 часот, додека линијата Скопје – Билунд ќе полетува секоја недела и четврток од 18:15 часот. За линијата Охрид – Фридрихсхафен се уште нема податоци на сајтот на компанијата.
Од „Виз Ер“ советуваат граѓаните да ги проверат мерките за патување пред планирање на нивните летови.