Под мотото „Јазол – привремено постоење, анксиозност и загубена иднина“, ќе се одржи шестото издание на „КРИК“ – фестивалот за критичка култура. Оваа година КРИК ќе трае од 31 август до 11 септември во Музејот на современа уметност во Скопје, а е организиран од тимот на КОНТРАПУНКТ.
Оттаму велат дека оваа година фестивалот ќе се обиде да рефлектира на повеќе теми кои нѐ засегаат и едновремено нѐ ставаат во јазолот на политичкиот и културниот контекст.
„Соживотот и взаемната помош се откажани под режимот на рестрикции, затворања и изолација. Првото е притисок кон индивидуалното планирање за опстанок, второто е системска репресија на колективните практики. Ова е време кога перформативноста и вештините се сведени на гол живот. Политиката тргна по патот на силата и репресијата, а науката ретко се прашува во толку масивни глобални размери. Уметниците и поетите се вкочанети, додека филозофите брзо изгореа во нивните толкувања и предвидувања кои всушност имаа за цел само да ги потврдат сопствените претходни теориски текови“, велат организаторите.
Тимот на КРИК – фестивал за критичка култура се Искра Гешоска, Артан Садику, Петар Милат, Јана Коцевска, Тијана Ана, Станимир Панајотов, Наташа Гелева, Бранимир Јовановиќ.
„Одеднадеш нашиот свет го загуби значењето брзо и на драматичен начин. Во недостиг на какви било структури и механизми за поддршка, во недостиг на вистински практики на колективна солидарност и индивидуална полнота, ние разбираме дека привидот и лагата се најпрецизните именители на нашите животи. Соочени со големите политички и економски лаги како најголеми вистини, можеме да продолжиме само кон една долготрајна и измачувачка привременост во постоењето. Со отсуство на една напрегнатост и мобилност што би довеле до ситуација за поинаква политичка опција и живот – вознемиреноста станува главната состојка на здивот што нѐ одржува „живи“, велат од КОНТРАПУНКТ.
Програмата за КРИК06 може да ја најдете тука.