Пред влезот на училиштето на учениците ќе им се мери температура со безконтактен топломер, а доколку имаат температура над 37.4 нема да можат да влезат. Влез ќе биде дозволен само со заштитна маска и по дезинфекција на рацете за сите ученици и вработени во училиштето. Ова се само дел од правилата наведени во протоколот за постапување на средните и основните училишта за реализација на воспитно-образовниот систем, кој го усвои Владата на 24 август.
На влезот во училиштата, во училниците и другите простории треба да се постават средства за дезинфекција, заедно со едукативно-информативни материјали и насоки за заштита на здравјето и безбедност во училиштето.
„Првиот ден од наставата задолжително започнува со упатства за сите учениците за тоа како правилно и безбедно да се однесуваат, да носат маски, да одржуваат физичко растојание, хигиена на рацете и заштита на сопственото здравје, но и здравјето на останатите ученици и вработените во училиштето“, стои во протоколот на МОН.
Меѓудругото, во протоколот се посочува дека се забрануваат сите видови физички контакти за поздравувања меѓу вработените во училиштето и меѓу учениците. Исто така, се забранува и влез за родителите или старатели освен на ученици со посебни образовни потреби.
За контролиран влез и излез од училиштата пак, пред и внатре во училиштата треба да се организира редарска служба, со цел задолжително да се спроведе дезинфекција и носење заштитни маски и одржување на потребното растојание, се додава во протоколот.
Учениците од една паралелка е предвидено да претстојуваат во една просторија, без можност за мешање на ученици од различни паралелки во иста училница.
Просториите пак е предвидено задолжително да се проветруваат по секој час, односно најмалку половина час пред пристигнувањето и заминувањето на учениците. Во протоколот дополнително се предвидува дека доколку временските услови дозволуваат, пожелно е да се остави отворен прозорец за време на наставниот час.
Во случај на кабинетска настава пак, се воведува систем за еднонасочно движење на учениците и контролирано излегување и влегување во кабинетите.
„По излегувањето на едната група ученици, задолжително се проветрува просторијата и се врши дезинфекција , по што се дозволува влез на втората група на ученици“, се додава во протоколот.
Употребата на тоалетите во училиштата се предвидува да се организира со присуство на помал број ученици и со запазена дистанца, односно, доколку тоалетот е помал, протоколот предвидува дека ученикот треба да почека надвор од тоалетот, додека излезе ученикот кој го користи тоалетот.
Доколку во училиштето се појави заболен од коронавирусот или лице кои имало контакт со лице заболено од вирусот, тогаш според протоколот на МОН, лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска, а директорот е предвидено да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје.
Во меѓувреме пак, доколку ученик развие симптоми на коронавирусот додека е во училиште, наставникот или стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење заштитна маска и веднаш ги известува родителите или старателите, кои треба во најкратко време да го земат детето со консултација и понатамошни активности со матичниот лекар.
„Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД – 19, се следат протоколите од Министерството за здравство за тој ученик, а училиштето врши консултации со Центарот за јавно здравје, за натамошно постапување со паралелката на која припаѓа ученикот“, се додава во протоколите на МОН.
Владата на 17 август донесе одлука претстојната учебна година да започне со физичко присуство со полн капацитет, а како алтернатива постојат две дополнителни сценарија, односно, преминување целосно на онлајн настава или комбинирана настава, доколку дојде до промена на состојбата со епидемијата.
Пред неколку дена пак, поради влошената состојба со епидемијата во полошкиот регион, Комисијата за заразни болести донесе препорака средните училишта во Тетово и Гостивар во првите две недели да започнат со онлајн настава, додека основните училишта со физичко присуство.
Слично решение побара и кризниот штаб на Општина Маврово и Ростуше, односно од надлежните побара наставата во основните и средните училишта во општината првиот месец од учебната година да се одвива онлајн. Но, засега се уште нема одговор на ваквото барање.