Третата дополнителна доза од вакцина против Ковид-19 е начин да се заштитат најранливите, а не „луксуз“, соопштија денеска од Светската здравствена организација (СЗО), пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Претходно овој месец, СЗО објави дека податоците не укажуваат дека постои потреба за дополнително вакцинирање, односно дека давањето дополнителна доза на целосно вакцинираните лица дополнително ќе ја зголеми нееднаквоста помеѓу богатите и сиромашните земји.
„Третата доза на вакцината не е луксуз одземен од некој друг што се уште ја чека првата доза. Тоа е начин да се заштитат најранливите“, рече Ханс Клуге, шеф на СЗО за Европа, на брифинг со новинарите.
Клуге, исто така, рече дека порастот на стапката на пренос на Ковид-19 ширум Европа во текот на изминатите две недели, со ниски стапки на вакцинација во некои земји, е длабоко загрижувачки.