Европскиот Совет ја отстрани Северна Македонија од листата на безбедни земји, што значи дека патниците од земјава ќе подлежат на построги гранични контроли при патување во Европската Унија (ЕУ), можни задолжителни тестови на Ковид-19 и карантини.
Таканаречената „бела листа“ подразбираше држави од каде туристите можат слободно да влегуваат во Унијата без ограничувања.
Освен земјава, од листата вчера беа отстранети и САД, Израел, Косово, Либан и Црна Гора.
Листата се ажурира во зависност од епидемиолошката состојба во секоја земја. Според правилата, за вметнување на „белата листа“ државите е потребно да имаат помалку од 75 нови случаи на Ковид-19 дневно на 100.000 граѓани во претходните 14 дена.
По последните промени, во моментов на „белата листа“ за слободен влез во ЕУ се наоѓаат 18 држави меѓу кои од регионот се наоѓаат Албанија, Србија, Босна и Херцеговина.
Листата, сепак, не е правно обврзувачка за државите членки и секоја од нив може да воведе сопствени дополнителни забрани за влез. Сепак според договорот на ниво на Унијата, земјите членки не требаат да ги отстранат ограничувањата за влез кон државите кои не се наоѓаат на листата безбедни земји доколку тоа не е договорено во координација со другите членки.