Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) изрекол две нови парични казни од 6.000 евра за Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ и 800 евра за одговорното лице, откако при инспекциски надзор на лице место било констатирано дека има појава на горење на депонијата Буково на неколку локации од кои имало густ чад.
Претпријатието претходно било задолжено да ја изгаси депонијата и континуирано да ја прекрива со земја.
„Депонираниот отпад не беше израмнет и прекриен со земја. На лице место имаше булдожер кој го рамнеше депонираниот отпад, а немаше екипи кои го гаснат опожарениот дел. Истиот ден издадено е ново Решение во инспекциска постапка со мерки за гасење на депонијата“, се додава во соопштението на ДИЖС.
Истовремено, тие најавуваат дека доколку правното лице не постапи по претходното издадено решение, ќе изречат нови санкции согласно законот.