Додека децата се подготвуваат да се вратат на настава со физичко присуство, УНИЦЕФ го повикува целото општество да вложи напори училиштата да останат безбедни и отворени.
Оттаму сметаат дека нај интереси на децата мора да бидат централни за секоја одлука околу работењето на училиштата, па во предвид мора да се земат епидемиолошката состојба со КОВИД-19 и еволутивното разбирање на ризиците што ги носат новите варијанти на вирусот. Притоа, од УНИЦЕФ потенцираат дека училиштата мора секогаш да бидат последни што ќе се затворат, а први што ќе се отворат кога тоа е безбедно да се направи.
„Отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е критичен чекор за секое дете да има пристап до квалитетно образование со кое се градат и се признаваат вештините што им се потребни на децата и адолесцентите – вклучувајќи јазична и математичка писменост, дигитални, претприемачки и вештини за работа,“ рече Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.
Таа додава дека децата и младите не смеат да се под ризик од нарушено учење уште една учебна година.
„Пред пандемијата на КОВИД-19, Северна Македонија се соочуваше со образовна криза, при што над половина од сите петнаесет годишници во земјата не успеаја да покажат основни познавања во читање и математика. Сега, повеќе од кога било, потребно е целата земја да даде приоритет училиштата дa останат безбедни и отворени за учениците да го надоместат изгубеното во учењето и менталната благосостојба“, нагласува Ди Џовани.
Дури и во заедниците со највисоки стапки на КОВИД-19, Светската здравствена организација (СЗО) препорачува да се разгледаат сите опции за продолжување на наставата со физичко присусво.
„КОВИД-19 станува вирус со кој мора да научиме да живееме, па сега, императив е да се намали нарушувањето во образованието на децата и младите, без оглед на нивната возраст. Доказите се јасни дека отсуството од училиште предизвикува значителна штета по образовниот успех, животните шанси, менталното и физичкото здравје. Со можноста во Северна Македонија да се понудат две дози вакцини за сите возрасни лица и адолесценти над 12-годишна возраст, сега приоритет е да се обезбеди директно, безбедно и висококвалитетно образование за сите ученици – особено кога знаеме дека директните клинички ризици за децата се екстремно ниски“, рече д-р Џихан Тавила, претставник на СЗО во Северна Македонија.
Од УНИЦЕФ дополнуваат дека проценувањето на ризикот од пренесување на локално ниво треба да биде земено предвид при носењето одлуки за работење на училиштето, а затворањето на училиштата на национално ниво мора секогаш да биде последно прибежиште кога нема други алтернативи.
Оттаму наведуваат дека освен во најекстремни случаи, ризиците кога децата се надвор од училиште се поголеми од ризиците кога се на училиште, поради три клучни причини:
- Затворањето на училиштата негативно влијае на учењето, здравјето и благосостојбата на учениците во критичните развојни фази со длабоки последици за секое дете, неговото семејство и нивната економија. Многу од овие деца никогаш нема да фатат чекор.
- Со воведување мерки за ублажување на ризикот, училиштата се безбедни средини за децата. Најновите докази покажуваат дека училиштата не го поттикнуваат ширењето на КОВИД-19 во заедницата и КОВИД-19 не претставува висок ризик за децата.
- Затворањето на училиштата има големо негативно влијание врз најранливите деца кои имаат многу помали шанси за пристап до далечинско учење и почесто се изложени на насилство, злоупотреба, занемарување, детски труд и брак, и други ризици.
„Токму затоа, целото општество има одговорност да го намали преносот на вирусот во заедницата, за децата и младите да може да продолжат да учат на вистинското место, а тоа е во училницата. Сега, повеќе од кога било, целото општество мора да даде приоритет и да покаже национална солидарност за училиштата да останат безбедни и отворени“, велат од УНИЦЕФ.