По една и пол година онлајн, се полнат училишните дворови – започна новата учебна година

Учениците денеска се вратија во училишните клупи после една и пол година онлајн настава. Средношколците повторно се на улиците, а во училишните дворови одново се враќа вревата. Училиштата ги пречекуваат учениците според протоколите за заштита од Ковид-19, а за првачињата се организираат свечени приеми. Сепак, наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар ќе се организира онлајн во траење од 14 дена од почетокот на учебната година, додека онлајн настава ќе има и во Кичево и Струга, но таму во траење од 7 дена, информираше синоќа владината прес-служба.

Очекуваме петки и десетки и подобрено ментално здравје

Средношколецот Леонардо Змајшек од скопската гимназија „Орце Николов“ очекува учениците да се однесуваат одговорно и да ги почитуваат мерките и протоколите за да се одржи ефикасниот и безбеден амбиент за сите.

„Очекувам да видиме голем напредок и зголемен ентузијазам кај учениците, со оглед на тоа што минатата учебна година подобро ќе знаеме да ги цениме убавините на училиштето и да уживаме во нив. Првиот училиштен ден оваа година беше поразличен од сите претходни. Учениците полека се навикнуваа и ги применуваа протоколите и го присвојуваа новиот начин на функционирање, среќни што повторно се со своите врсници заедно во потрага по нови знаења и успеси“, вели Змајшек за Радио МОФ.

Средношколци на скопска автобуска станица

Елена Николоска од прилепската гимназија „Мирче Ацев“ вели дека, како матурантка, со душа ја чекала оваа учебна година.

„Мислам дека на сите ни недостасуваше стариот и добар начин со физичко присуство, таа незаменлива атмосфера. Очекувам сè да се врати во нормала. Ние гимназијалците во Прилеп, учебната година кратко ќе ја започнеме онлајн поради реконструкција на училишната зграда, а потоа се враќаме во клупите, конечно“, вели таа.

Средношколецот Лука Кадриќ од скопската гимназија „Орце Николов“ очекува учебна година со непречено физичко присуство, со значително поквалитетно образование во споредба од изминатата.

„По една неизвесна и атипична година за нас, се надевам на зголемена мотивација за работа кај нас учениците, пропратена со толеранција од професорите за можни недостатоци од измината година. Дополнително, “нормалиот” почеток на школската година очекувам да влијае позитивно на менталното здравје на сите ученици“, вели Кадриќ.

Тој додава дека првиот училиштен ден ги задоволил неговите очекувања и протоколите биле запазени, се почитувале мерките – маски, дистанца, мерење на телесна температура, контролирано движење и редарска служба.

„Првиот класен час оваа година беше посветен на кратка обука за почитување на протоколите, спроведена од класните раководители. Навистина е прекрасно да се видат сите ученици повторно на местото каде што навистина припаѓаат“, нагласува Кадриќ.

Радио МОФ направи и „Инстаграм“ анкета во која ги прашавме учениците што очекуваат од новата учебна година.

Дел од нив очекуваат таа да продолжи со физичко присуство, но некои пак велат дека очекуваат „голем број на заразени семејства“ и „враќање на онлајн наставата по две недели“.

Други пак, очекуваат учебната година да  биде „луда и незаборавна“, како и „да ја поминат со петки и десетки“.

Ранци, маски и средства за дезинфекција

При својата посета во ОУ „Панко Брашнаров“, Министерката за образование и наука Мила Царовска, истакна дека е големо задоволство што се забележува вообичаената слика на која сите бевме навикнати пред појавата на пандемијата.

„Сé што воведуваме како новина, ќе овозможи да училиштата постепено станат поинтересни места за учениците, каде тие ќе сакаат да престојуваат и каде на еден многу полесен начин ќе ги совладуваат знаењата соодветни на нивната возраст, развивајќи се во личности кои ќе бидат подобро подготвени од генерациите пред нив, што впрочем е и цел на реформите каде што клучна алка всушност ќе бидат наставниците“, рече Царовска.

Патриција Ди Џовани, претставничката на УНИЦЕФ во земјава испрати честитки за првиот училишен ден, нагласувајќи дека овој ден е најважен бидејќи за повеќето од нив тоа ќе биде можност за првпат да седнат во школските клупи со своите врсници и лице в лице со наставниците после 54 седмици поминати учејќи пред дигиталните екрани, многу подолг период од просекот на другите земји во Европа и Централна Азија којшто изнесува 25 седмици.

„Поради неизвесноста што постоеше на самиот почеток на пандемијата, префрлањето кон онлајн настава беше неопходна мерка, меѓутоа, онлајн наставата не може да биде долгорочно решение и замена за наставата со физичко присуство. Улогата што ја имаа наставниците во тоа време беше одраз на голем ентузијазам, истрајност, креативност, како и на квалитетот и професионалноста што ги поседуваат наставниците во оваа земја“, истакна Џовани.

Таа дополни дека наставниците и училишниот кадар се предводници и пример во заедницата за тоа како училиштата да бидат безбедни за да останат отворени.

„Тие служат за пример и кога станува збор за вакцинацијата против Ковид-19 имајќи предвид дека 7 од 10 наставници се вакцинирани пред почетокот на училишната година. Следењето на мерките за заштита и протоколите, носењето маска, одржувањето хигиена на рацете, одржувањето физичка дистанца и вакцинацијата, се нешта што сите ние можеме да ги правиме за да се намали пренесувањето на вирусот во заедницата, а училиштата да останат безбедни и отворени. Децата и младите не можат да ризикуваат уште една година со прекини во наставата“, истакна Џовани.

Премиерот Зоран Заев преку видео обраќање го честиташе почетокот на учебната година забележувајќи дека отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е најпосакуваната одлука за сите кои посакуваат здрав психо-социјален развој на учениците.

„Сите многу изгубивме изминатата година, соочувајќи се со пандемијата која го затече целиот свет. Сакам да им се заблагодарам на сите наставници, а секако и на родителите, кои се справија со предизвиците на онлајн наставата и не дозволија децата да изгубат од образованието. Сега е време да го надополниме, сето она што не можевме да го развиваме во рестриктивните мерки“, истакна тој.

Заев дополни дека Владата заедно со Министерството за образование и наука ги вложило сите напори  во обезбедувањето на здравствено безбедни средини за учениците.

 

Средните училишта во Тетово и Гостивар првите 2 недели со онлајн настава – во Кичево и Струга само првата недела

 

И.С./ С.С.