Детската амбасада Меѓаши бара итно да се отстранат видеата и фотографиите од децата од Авганистан, кои во понеделник вечерта пристигнаа на скопскиот аеродром како дел од првата група од 149 бегалци од Авганистан.
Од амбасадата посочуваат дека крајно време е политичарите кои ги злоупотребуваат децата за политички цели да сносат одговорност.
„Политичките партии и политичките фигури не успеваат целосно да разберат што е најдобар интерес на детето. Тие и понатаму ги користат децата на најразлични начини за добивање политички поени. Секоја пригода кога политичар ќе се сретне со дете и ќе биде јавно фотографиран може да се смета за кампања и повлекува соодветна одговорност и бара јасен одговор кон што или кому тоа фотографирање придонесува“, велат од „Меѓаши“.
Оттаму посочиваат дека дури и во случаи кога се работи за директна заштита или помош на деца, фокусот постојaно треба да биде на она што е потребно да се направи за децата, како и на причините зошто тие деца се наоѓаат во таква тешка ситуација, а не на самите политичари или институции кои помагаат, а тоа впрочем им е и должност.
„Да не збориме колку е важно да се заштити идентитетот на децата! За жал, најчесто се работи за обиди преку слики со деца да се прави сопствена политичка промоција или промоција на сопствената политичка партија. Затоа, политичарите не треба да ги штипкаат децата, да се сликаат со нив и да им делат подароци пред камерите или да сечат ленти со децата, туку треба сериозно да работат на проблемите кои ги засегаат децата, да го изнесуваат своето мислење и гласно да поставуваат прашања што ја засегаат оваа ранлива група“, истакнуваат од „Меѓаши“.
Од амбасадата упатуваат и критики до министерот за надворешни работи Бујар Османи кој ги пречека бегалците, велејќи дека наместо тој да се слика децата и да им дели фотографии, тој би требало да соопшти каква грижа е обезбедена за децата, а не под превезот на солидарност кон децата бегалци од Авганистан да ги инструментализира најмладите за политички маркетинг на чекор пред изборите.
„Семејствата и децата во Авганистан преживуваат криза која според својот интензитет е на врвот, не само што менуваат дом, туку менуваат земја, култура, обичаи, влегуваат во сосема нова средина што бара од нив ново учење и справување и со губитокот и со новата средина. Во таква состојба секое изложување во јавност на овие лица, особено на децата кои немаат изградени механизми на одбрана, во најмала рака е злоупотреба“, велат од детската амбасада, потсетувајќи дека Законот за заштита на децата член 12 став (4) се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.