Бројот на екстремни временски непогоди во последните 50 години се зголемил петпати,а тие предизвикале поголема штета, но помалку жртви, благодарение на подобрите системи за рано предупредување, се вели во извештајот на Обединетите нации, објавен денеска, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Според Атласот на Светската метеоролошка организација (СМО), кој го бележи бројот на жртви и економските штети предизвикани од екстремните метеоролошки услови, климатски и хидролошки, од 1970 до 2019 година, овие катастрофи се петпати почести во овој период.
„Бројот на екстремни метеоролошки појави, климатски и хидролошки и понатаму се зголемува. Поради климатските промени, тие ќе станат почести и понасилни во многу делови од светот“, предупреди во соопштение генералниот секретар на СМО, Петери Талас.
Во последните 50 години забележани се повеќе од 11.000 катастрофи што се припишуваат на овие феномени, во кои загинале нешто повеќе од два милиони луѓе, а штетата се проценува на 3.640 милијарди долари, односно повеќе од 3.080 милијарди евра.
Просечно, во овие 50 години секојдневно е забележана по една метеоролошка катастрофа, при што во просек на дневно ниво умирале по 115 луѓе. Дополнително тие во просек секојдневно предизвикуваат штета од 202 милиони долари.
Повеќе од 91 отсто од смртните случаи се случиле во земјите во развој.
Сушата е одговорна за најголемиот број смртни случаи во тие 50 години, која однела речиси 650.000 животи.
Потоа следуваат бурите, кои одзеле 577.000 животи, па поплавите кои предизвикале 58.700 смртни случаи и екстремните температури кои предизвикале 56.000 смртни случаи.
Во меѓувреме, се посочува дека подобрувањето на системите за рано предупредување и управување со катастрофи овозможиле значително намалување на бројот на жртви.