Репортери без граници (РСФ) повика на меѓународна солидарност со „прогонетите“ независни новинари во Белорусија, додека во меѓувреме се засилува ударот врз медиумите и граѓанското општество по спорните претседателски избори минатата година, јавува „Радио Слободна Европа“.
„Ја повикуваме меѓународната заедница енергично да го поддржи нивниот отпор и да продолжи да нуди засолниште за новинарите кои се принудени да избегаат од прогонот“, се вели во соопштението на РСФ објавено вчера, речиси една недела откако Врховниот суд во Белорусија нареди затворање на единственото независно новинарско здружение во земјата.
Од РСФ велат дека потегот за затворање на здружението е „политичка одлука со што кулминирал ударот врз независните медиуми во Белорусија, што започна пред повеќе од една година“.
Тековната акција на сузбивање на белоруската опозиција и независните медиуми започна откако официјалните резултати од претседателските избори во август 2020 година му донесоа шести мандат на авторитарниот владетел Александар Лукашенко, што предизвика невиден бран на протести.
На масовните протести против Лукашенко, безбедносните сили притворија десетици илјади луѓе, а голем дел белоруски опозиционери и многу независни новинари беа затворени или принудени да пребегнат во други земји.
Според РСФ, независното новинарско здружение било „постојано малтретирано“ од властите.