Комисијата за заштита од дискриминација (КСЗД) денеска соопшти дека Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) извршило директна интерсекциска дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, социјално потекло, етничка припадност и припадност на маргинализирана група врз жена и нејзините две малолетни деца.
Како што објаснуваат тие, во претставката поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права, се наведува дека возач на автобус на ЈСП насилно ги исфрлил од автобусот жената и нејзините две малолетни деца, од кои едното било во количка.
„Претходно семејството, од ромска етничка заедница, било туркано од другите патници во автобусот, по што возачот станал и ја исфрлил надвор жената заедно со децата притоа со навредлив говор кажувајќи им дека веќе нема да ги пушта во автобус“, додаваат од КСЗД.
Оттаму побарале изјаснување од ЈСП за тврдењата од претставката и истовремено побарале и видеоснимки од настанот, но од претпријатието, како што додаваат не се произнеле по наводите од претставката.
„Од наведеното во претставката, Комисијата заклучи дека возачот на ЈСП го ограничил правото на пристап до јавни добра и услуги на семејство од ромска етничка припадност врз основа на нивната раса, боја на кожа, социјално потекло, етничка припадност и припадност на маргинализирана група. Дополнително, возачот предизвикал ситуација во која го понижил и навредил семејството а исто така предизвикал и чувство на страв и вознемиреност. Квалификаторен елемент во предметниот настан е што едно од децата било во инвалидска количка што уште повеќе покажува отсуство на сензибилност на возачот спрема оваа категорија на лица“, објаснуваат од КСЗД.
Интерсекциската дискриминација во случајот, тие објаснуваат дека се однесува во областа на пристапот до јавни добра и услуги од претпријатието одговорно за превоз на патници во јавниот градски и приградски сообраќај на подрачјето на Град Скопје.
„КСЗД му препорачува на ЈСП Скопје да преземе мерки кои ќе придонесат во насока на превенција на идни дискриминаторски практики од страна на возачите на нивните автобуси имајќи во предвид дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и во минатото утврдувала дискриминација за слични предметни настани“, порачуваат од КСЗД.
Истовремено, тие посочуваат дека претпријатието треба да спроведе обука за дискриминација со цел сензибилизација на возачите при нивната работа со најразлични маргинализирани групи.
Оттука, тие потенцираат дека сторителот е должен да постапи по препораката во рок од 30 дена од денот на приемот на препораката, а доколку не постапи по неа, од КСЗД посочуваат дека имаат право да покренат прекршочна постапка.