„Ставаме маска за да не’ штити од изопачената реалност, а сепак ние стануваме тоа од кое сакаме да се заштитиме, изопаченото“, вели Бранкица Јордановска, која вчера во Галерија МКЦ ја отвори својата изложба „Маска или преобразба на изопаченото“.
Изложбата за културните фанатици и пошироката јавност ќе биде отворена до 8 септември. Според најавата, се работи за самоистражувачка студија и обид за откривање на двојната вредност испреплетена во релациите помеѓу храброста и срамот.
„Двојностите се сеприсутни околу нас, а ние преку постојана преобразба од едно во друго се вртиме во круг, сѐ додека не создадеме бесконечни варијации од илузијата што посакуваме да ја видиме“, се вели во најавата.
Делата се изработени во различни ликовни техники како акварел, линорез, текстил. Во галерискиот простор на МКЦ има и огледала, пред кои висат маски со некој вид на рогови. Тоа дава дополнителна содржинска и уметничка димензија на изложбата, поставка со цел да ја открие и суштинската исполнетост во спојот на безмисленоста и разумот. Исто така, да понуди и преиспитување од поинаква перспектива.
Поради параноичното ковид-време, универзална асоцијација за поимот маска денес е токму пандемијата, но Јордановска во разговор со Радио МОФ вели дека делата, а со тоа и изложбата, немаат директна корелација со пандемијата.
„Ова го работам уште пред да биде пандемијата и нема никаква позрзаност со неа. Можеби само ми даде повеќе и време и инспирација да работам, но никако не е поврзано со пандемијата“, вели Јордановска.
Таа објаснува дека уште од средно уметничко и откако студирала, се занимава со костимографија. Завршила обликување на текстил и облека кај Лира Грабул. Кај нејзе работела костимографија, за потоа со костимографијата да продолжи при личниот уметнички полет.
„Отсекогаш ме влечела маската како костим. И како симбол. А, ова е повеќе фиктивна маска, не толку реална маска. Да се разбереме. Понекогаш се претставуваме пред другите нешто што не сме, за да се заштитиме себе си и да се ‘извадиме’ од ситуацијата. Да ‘излеземе’ добри во очите на другите, или како што очекуваме другите да не’ видат. И, се претставуваме на друг начин, само за да се заштитиме себе си“, објаснува Јордановска додека стоиме застанати крај галеријата на МКЦ, а одоколу и други луѓе се застанати еден по еден, со маски чекаат ред за влез во просторијата – за влез во светот на уметницата.
МКЦ не е само простор каде таа и нејзините колеги можат да изложуваат. Или само свртувалиште за алтернативци, уметници, вечни истражувачи, млади и оние секогаш млади. Јордановска заедно со 35 уметници има врежано свој белег во муралот од 2016-та на фасадата на МКЦ. Всушност, муралот како уметничка композиција, како ѕидно сликарство, се почесто е нејзина окупација.
Јордановска работи и во Театарот за деца и младинци како реквизитер, паралелно на проекти и претстави како костимограф, некогаш и сценограф. Имаше ангажман и како илустратор на детски книги.
„Не сето тоа го правев на мезанинот на мојата зграда“, низ смеа вели Јордановска, споменувајќи дека е активна и во ателјето на Сали Ертунч.
„Работам најчесто акварел, а графика немам многу работено, уште откако допломирав во 2013-та. Па, си реков, време е, бидејќи мораш да се вратиш…. Плус, за жал, не секој често има можност да работи графика. Уметниците кај нас немаат прилика затоа што немаме преси. И, немаме простории каде би печателе графика, затоа што преса не е евтина работа. Ние имавме среќа за рециклирана преса што може да ја користиме. Па, еве, по 2013-та повторно ми е интересно и нема да престанам“, нагласува таа.
Кога веќе зборуваме за иднината, би продолжила со истите оние нешта што досега ги прави, бидејќи, вели таа, не зацртува планови во иднина за да не се разочара.
„Го работам тоа што го работам и гледам да работам интензивно. И, што ќе си дојде – ќе си дојде. Немам конкретен план, само сакам да напредувам“, потенцира таа.
Додека го привршуваме муабетот, на платото пред МКЦ се собираат се’ повеќе луѓе. Од спроти Галеријата за прв пат се одржува и Скопски поетски фестивал, па сега е време за седенка, со пивце во рака, на скалите и околу монументалната скулптура „Малиот принц“. Кој како сака. Во друштво или сам. Еден поглед наоколу и човек добива импресија дека пандемијата сега можеби не’ зближува повеќе отколку што не’ раздвојува(ше). А, на уметниците им даде свежа платформа за себереализација, некаков нов мотив.
„Мислам дека веќе даде. Права насока, затоа што за време на карантините тие што вистински ги интересираше тоа да го прават, конкретно цртањето – уште толку почнаа да креираат. Јас лично не престанав да работам и работев по 100 цртежи на ден! Дури и сум изненадена од себе колку напреднав. Мислам дека (пандемијата) е во корист само заради тоа. Всушност, секоја ситуација си носи повод за работа, конкретно за уметниците. Колку и да е лоша оваа работа, за нас е и добра“, констатира Јордановска.
Бојан Шашевски