Од железничката станица во Лисабон вчера тргна возот „Конектинг Европа Експес“ кој на турнејата од пет недели ќе помине низ 26 држави и ќе посети повеќе од 100 градови со цел да се промовира железничкиот превоз во Европа.
Специјалниот воз на своето патешествие ќе помине 20.000 километри, а ќе ја заврши својата мисија во Париз на 7-ми октомври.
„Железницата ја има обликувана нашата богата, заедничка историја. Но, возовите се и европската иднина, нашиот пат кон избегнување на климатските промени и поддршка на економското опоравување од пандемијата додека градиме јаглеродно-неутрален транспортен сектор. Во следните недели „Конектинг Европа Експрес“ ќе биде движечка конференција, лабораторија и форум за јавна дебата за тоа како железничкиот транспорт да биде прв избор за патниците и бизнисот“, изјави еврокомесарката за транспорт, Адина Валеан.
Возот треба да помине и низ Северна Македонија. Вечерта на 13-ти септември преку пругата од Белград треба да стигне во Скопје, по што следниот ден ќе продолжи за Грција.
По патот планирани се различни настани на кои возот ќе биде пречекуван на железничките станици низ цела Европа. Заинтересираните ќе можат да следат дебати и конференции кои ќе се одржуваат во возот на темата на инфраструктурни политики и улогата на Транс-европската транспортна мрежа (ТЕН-Т) кои ќе бидат стримани во живо од Лисабон, Букурешт, Берлин и Бетембург.