Со промоција и презентација на природните вредности на уредениот палеонтолошкиот локалитет Стамер во Општина Делчево каде се пронајдени фосилни остатоци стари милиони години, денеска беше обележано негово прогласување за природна реткост и стекна статус на природно наследство, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
На локалитетот се поставени информативни и едукативни табли, дрвени патокази, видиковец и витрина со скулптури од дел од пронајдените фосили во природна големина, објаснуваат од МЖСПП.
„Со прогласување на палеонтолошкиот локалитет Стамер, карактеристичниот геолошки профил Звегор и Киселичка Пештера за природни реткости и нивно соодветно управување и уредување ќе се овозможи заштита и зачувување на исклучително вредните палеонтолошки наоди на пикермиска фауна, геоморфолошки форми, но и заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и Европско значење.“, изјави државниот секретар во МЖСПП, Каја Шукова.
Според реализаторот на проектот Васил Анастасовски, локалитетот Стамер е последен меѓу 16-те досега евидентирани палеонтолошки локалитети во Македонија, со многу вредни наоди.
Претставничката на Природонаучниот музеј на Северна Македонија Билјана Гаревска пак, истакна дека на овој локалитет е пронајден уникатен фосилен материјал каде неогените седименти вклучуваат различни фосилоносни слоеви.
Реализацијата на овој проект е поддржана од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а координиран од „Фармахем“ од Скопје, велат од МЖСПП.