45 наставници од седум средни училишта на Град Скопје, добија признанија и награди за нивниот придонес и активно учество во унапредувањето на меѓуетничката интеграција во образованието преку реализација на заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици.
Во средните училишта „Арсени Јовков“, „Здраво Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“, „Јосип Броз-Тито“ и СУГС „Владо Тасевски“ во текот на минатата учебна година, беа реализирани вкупно 743 заеднички онлајн часови по различни наставни предмети. Со заедничките часови беа опфатени 42 паралелки кои наставата ја следеа на македонски, албански и на турски наставен јазик.
Град Скопје за првпат ја иницираше реализацијата на заеднички часови по одредени наставни предмети во рамки на редовната настава со ученици кои учат на различни јазици во текот на учебната 2018/2019 година. Во овој проект најпрво се вклучија средните училишта „Здравко Цветковски“, „Боро Петрушевски“, „Арсени Јовков“ и „Браќа Миладиновци“.
Во учебната 2019/2020 година заеднички часови започнаа да се реализираат и во СУГС„Димитар Влахов“ и СУГС„ Јосип Броз-Тито“. Минатата учебна година (2020/2021) заеднички онлајн часови се реализираа и во СУГС„Владо Тасевски“, кое е единствено скопско училиште во кое учениците кои наставата ја следат на различен наставен јазик учат во два различни објекти и немаат никаква меѓусебна комуникација.
„Преку реализација на заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици професорите успеваат во најчувствителниот период од развојот на личноста да ја испратат пораката дека различностите се најголемото богатство на македонското општество. Ваквите проекти најдиректно ќе придонесат наместо тепачки во училиштата нашите деца да научат дека со меѓусебно почитување можеме и мораме да изградиме просперитетно општество кое е основа за подобар и поквалитетен живот за сите“, изјави на свеченоста градоначаникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Град Скопје, во согласност со Програмата за активности од областа на средното образование за 2021 година и Стратегијата за унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието и граѓанска вклученост, ќе продолжи со поддршка на организацијата и реализацијата на заеднички часови во осум средни училишта и во новата учебна 2021/2022 година. Оваа година во проектот за првпат ќе се вклучи СУГС„Д-р Панче Караѓозов“.
Овој проект има за цел да придонесе за подобрување на меѓуетничката кохезија меѓу младите, преку создавање услови за позитивна интеракција и градење на граѓански и демократски вредности.