Случајот со Беливук покажува колку длабоко е политизирана српската држава, но и дека судството во Србија засекогаш ќе остане под силно политичко влијание и притисок.
Последните случувања во Србија во кои политичките елити се поврзани со личности од организиран криминал и со еден (значителен) дел од таканаречените фудбалски навивачи повторно покажаа колку длабоко непријатен може да биде односот помеѓу овие две страни и дека актуелното политичко лидерство на Србија продолжува да се потпира на најлошите пракси на режимот на Милошевиќ од деведесеттите години.
Хулиганите и политичарите во „прегратка“
Беливук, како најизразена фигура на познатите сурови хулигански групи (читај: групи на организиран криминал), беше „уапсен на почетокот од февруари, заедно со уште некои припадници на групата. Бил лидер на тнр. „Јаничари“, подоцна преименувани во „Принципи“, инаку позната криминална група која се криела зад фудбалски навивачи“. Секако дека политичките елити жестоко ги негираат обвинувањата за нивната поврзаност со структурите на организираниот криминал, постојано тврдејќи дека тоа се само гласини, лаги, па дури и удари од политичка опозиција.
Недистанцирањето од одржување близок контакт со хулигани и структури на организиран криминал покажува дека, од една страна, сегашното политичко раководство не успеа да се оддалечи од оној модел на кој во голема мера се потпираше режимот на Милошевиќ, а, од друга страна, дека не постои функционално, и, пред сè, независно судство, ниту, пак, има сигнали дека такво нешто би можело да се воспостави во блиска иднина. Во деведесеттите години, режимот на власт во Србија беше значително клиентелистички, до степен што фудбалските стадиони, и тоа на оние на Црвена Звезда и на Партизан, беа неофицијални места за регрутација на парамилитантни поединци од самите клубови.
Овој модел дополнително вклучи (и уште е тоа така) „услуги“ кои хулиганите и светот на криминалното подземје им ги овозможуваат на елитите, што доведе до постоење на главен центар на приватни интереси кои ги надминуваа формалните институции и правила. Во таа смисла, елитите од земјите на Западен Балкан „постојано ги заобиколуваа институциите и владееја преку неформални правила. Власта се реализираше преку доминација на партијата. Не само што државните институции се заробени туку и медиумите исто така се замолчени“, што е суштински проблематично.
Освен веќе вознемирувачкиот факт за постоењето на поврзаност помеѓу политичките и државни безбедносни структури и организираните криминални групи, она што останува загрижувачко е дека има мешани, збунувачки и некомпетентни сигнали, како од српските елити така и од судството, за начинот на кој се постапува со случајот „Беливук“. Во октомври 2020 година, Европската комисија предупреди дека „Србија треба допрва да воспостави убедителна евиденција“ за тоа дека навистина има активности и пресуди против криминалното подземје“, што дефинитивно ќе остане проблем за Србија, барем во периодот кога Српската прогресивна партија го контролира државниот апарат.
Се чини дека не постојат убедливи докази дека оваа партија е подготвена да се справи со многубројните несоодветни судски случаи против хулиганите, од кои повеќето останаа нерешени, беа предмет на политички мешања и исто така немаа соодветна судска завршница. „Односот помеѓу државата и навивачките групи еволуирал во еден вид на работен ангажман: во замена за послушност на улиците, хулиганите можат слободно „да си ја тераат работата“ без никаков страв“. Затоа, случајот со Беливук ни покажува колку српската држава станала длабоко клиентелистичка, и дополнително покажува дека српското судство не е во можност да се развива на независен начин и дека засекогаш останува под значително политичко влијание и притисок.
Реприза на неизвесните деведесетти
И покрај сета врева од страна на актуелните политички елити за тоа дека земјата брзо се трансформира и дека, наводно, успеала успешно да се оддалечи од 1990-тите години, српската држава продолжува да биде водена на начин кој беше користен од режимот на Милошевиќ во минатото. Ако беше спротивното, Србија немаше и понатаму да биде земја каде што политичките врски на организираните криминални групи им дозволија на нив и на нивните колеги во политичките елити да профитираат од таквата поврзаност. Се чини дека е необично за актуелното српско политичко раководство да тврди дека земјата напредува, без успешно да се справи со една од најголемите, ако не и единствената најголема, домашна безбедносна закана. Структурите на организираниот криминал, и за ова има многу докази уште од периодот на деведесеттите, и понатаму се многу моќен играч во внатрешната политика во Србија.
Како прво, малку е веројатно дека тие би можеле да функционираат без државните и безбедносните структури да знаат и/или ги санкционираат. Оттука, нивните политички врски (читај: заштита) им овозможија да останат недопрени и исто така им овозможија „да си ја тераат работата“. Второ, врз основа на моделот од деведесеттите години, многумина што се приклучија на криминални групи, всушност, се лица кои се „регрутирани“ од редови на хулиганите, и тоа според рецептот на Аркан – „извлечени директно од трибините“. Трето, и ова е најтешкиот факт, клиентелизмот на српската држава продолжува да се зголемува, покажувајќи дека политичките елити имаат мала намера или волја да ја реконструираат земјата, што нè враќа кон точката што Страцари ја посочи за Западен Балкан во 2007 година. Кога се разговараше за домашната политика на земјите од Западен Балкан, тој забележа дека се чини дека има „испреплетување на новонастанатите, етнички дефинирани институции, на воени економии во мафијашки стил и тенденции на шурувања помеѓу елитите.” Србија од 2021 година е одличен пример во оваа смисла.
Последно, но не и најмалку важно, тешко ми е да ја најдам разликата помеѓу мафиозите, хулиганите и политичарите во Србија. Се ангажираат хулигани за потребите на обезбедување на инаугурацијата, а следниот ден (какво изненадување!) истите тие се враќаат на својот „занает“ со трговија со дрога. Денес, некои од нив се зад решетки обвинети за ужасни злосторства и, којзнае, некои можеби дури и ќе станат политичари во иднина, со оглед на тоа колку богати врски со политиката имаат некои од нив. Немам сомнежи дека српското политичко раководство ќе продолжи да ги негира споменатите наводи за поврзаност со криминалното подземје, и сигурен сум дека, исто така, ќе одбие да се справи со проблемот, како што тоа го правеше и досега. Слабото, далеку од независно и под влијание на политиката (и управувано од неа) судство ќе продолжи да го поткопува правилното функционирање на српската држава, што претставува долгорочно прашање.
Независно судство и други (европски) приказни за мали деца
Само сон претставува верувањето дека Србија ќе може да влезе во ЕУ со вакво судство. Дури и да ги оставиме сценаријата на ЕУ настрана, невозможно е Србија да стане вистинско демократско општество со судство од ваков вид. Фактот дека српските политички елити направија сè, освен да помогнат во воспоставувањето на понезависен и поефективен судски систем, укажува на фактот дека за тоа имало малку (ако воопшто ја има) политичка волја.
Недостатокот на политичка волја за воспоставување судство кое е професионално и независно (и кое нема да им служи на политичките цели) е доказ за тоа колку лошо биле направени реформите во Србија на тоа поле. Дополнително, политичкото раководство го направи веројатно најлошото нешто што можеше да го направи: продолжи да го поткопува тој судски систем, со постојано мешање во неговите работи, што, инаку, и беше традиција во Србија во деведесеттите години и распадот на социјалистичка Југославија.
Гореспоменатиот случај на Беливук совршено ја доловува оваа поента, со голем број на чудни и сомнителни пресврти во последниве месеци, преку погрешно постапување со доказите, како и неколку промени во исказите на сведоците. Иронично е да се види како српското раководство зборува за наводно ефективни промени во судството кога оваа државна институција и понатаму останува да биде со големи проблеми. Српската држава, всушност, никогаш не се обидела да се ангажира во обновата на оваа институција, преку правилна лустрација на овој систем, што покажува колку биле непрогресивни државните реформи во Србија.
На крајот на краиштата, и покрај целата нивна „возбуда“ за тоа дека се прави обнова на независното судство, српските елити и понатаму продолжуваат да го ослабуваат истото тоа судство во своите јавни настапи, во кои само го исмеваат споменатиот систем. За тоа прашање, српскиот претседател рече „дека тој и министерот за внатрешни работи Александар Вулин ќе покренат обвиненија против себе“ во случајот со Беливук, што не само што звучи чудно и безобразно, туку истовремено и го исмева самиот поим за правда.
Овие јавни настапи од политичарите се прилагодени така да ги отфрлаат обвинувањата кои ги пласираат независните медиуми и кои се искажувани од некои лица од подземјето против елитата која е денес на власт во Србија. Токму ваквите јавни настапи испраќаат погрешни пораки за државниот систем до српските граѓани, откриваат колку тој систем е погрешен и испраќаат мрачна претстава за тоа какво е политичкото раководство, кое нема ништо подобро да направи освен да зборува за случаи на криминал од висок профил.
Доколку српското правосудство работи независно и на соодветен начин, тоа ќе поднесе обвинение против секој што е вклучен во споменатите активности, што не е случај овде.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.