Утре, официјално започнува пописот на домаќинствата и становите на Северна Македонија. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, соопшти дека сите подготовки за пописот се завршени.
„После речиси 20 години, големи премрежја, опструкции, одолговлекувања, одложувања, конечно сме на прагот да отпочнеме со теренската работа и собирањето на потребните податоци. Комисиите на пописните региони заедно со државните инструктори успешно ги завршија обуките на реонските инструктори и попишувачи и денес тие се излезени на терен во обиколка на своите пописни кругови. Се е подготвено за утрешниот старт на попишувањето“, изјави Симовски.
Тој упати апел граѓаните да ги примаат попишувачите и да учествуваат на пописот со одговарање на поставените прашања.
„Таму каде што граѓаните ќе инсистираат да бидат попишани од вакциниран попишувач, тоа ќе се случи. Нема точна бројка колку од попишувачите се вакцинирани, бидејќи пријавувањето за учество на пописот почна во почетокот на август. Во пријавата тие кажуваа дали се вакцинирани или не. Од оние кои веќе се ангажирани, две третини биле вакцинирани во периодот кога се пријавиле, меѓутоа но не знаеме дали во меѓувреме другите се вакцинирале. Тоа ќе го дознаеме во текот на наредните денови“, одговори тој на новинарско прашање.
Пописот ќе трае до 30 септември, а според директорот Симовски добиените податоци најверојатнп ќе бидат објавени најдоцна до јануари 2022 година.
На прес-конференцијата, министерот за правда, Бојан Маричиќ истакна дека попишувањето ќе се одржи безбедно, со почитување на здравствените протоколи.
„Медицинските лица ги напишаа правилата, а попишувачите се обврзани доследно да ги применуваат. Во таа смисла, не постои никаква шанса во ширење на заразата во вакви протоколи создадени од нашите најдобри лекари“, истакна Маричиќ.
И.С.