Мислам дека ова што ни се случува е многу опасно, вака брутално запоседнатиот простор на културата е знак дека живееме во опасни времиња кои што претендираат да бидат тоталитарни, вели Искра Гешоска, претседател на Јадро, асоцијација на независната културна сцена. Во интервју за Радио МОФ, таа говори за предизвиците на култирниот сектор, за пропагандата присутна во Македонија, но и за желбата за моќ што според неа е израз на слабост.
Македонија е единствената земја во регионот, во која нема простор за независната култура? Како се доведовме во оваа ситуација?
Ова е едно од погоруштите прашања за мене. Зошто во Македонија независниот културен сектор се наоѓаа во состојба на сериозна загрозеност и исчезнување. Во прашање е, во континуитет, изоставувањето на едни прогресивни културни политики кои ќе го вклучуваат граѓанскиот сектор во културата бидејќи без таквото вон-институционално дејствување кое е носител на современите културни практики, доколку такво нешто не постои, сметам генерално и официјалната т.н. елитна култура е загрозена. Недостасуваат доволно, во центрите на моќ, во сите овие 20 години, особено сега, недостига знаењето за потребата на ваквиот општествен баланс. Значи во регионот останавме најназад во оваа приказна, а да не зборуваме во Европа.
Под завесата дека се вложува во културата, последниве години Скопје го менува ликот? Имавме дури и протест на уметниците за поддршка за изградбата на објектите како Стариот театар на пример. Како вие гледате на тоа што се случува?
Јас гледам како на фарса, а уште пострашно гледам на тоа како на една опасна алатка, значи културата како опасна алатка за освојување моќ. Знаеме дека и во фашистичка Германија во периодот помеѓу 1933 и 1945, министерот за пропаганда Јозеф Гебелс, воскликнува просто дека културата е таа која што ќе ја спаси нацијата и културата е таа му е најважна. Така тој го запоседнува целиот простор на културата како што кај нас сега се случува, тој простор е киднапиран, украден. Тој простор е најпогоден за манипулација затоа што комуницира со граѓанството на едно друго рамниште. Мислам дека ова што ни се случува е многу опасно, вака брутално запоседнатиот простор на културата е знак дека живееме во опасни времиња кои што претендираат да бидат тоталитарни. И во примерот со фашистичка Германија, но и во тоталитарните комунистички земји како Русија, истото се случува. Значи огромно вложување на државата во културата-но контролирано. Државата е таа што проценува, значи министерката за култура е таа што кажува што е култура.
Како тогаш опстојува независната културна сцена има ли простор за културен активизам?
Ние се обидуваме, колку што е можно, сметам дека секое здружување е многу важно. Еве преку Јадро успеавме, пред една година за првпат независниот културен сектор да се здружи. Се обидуваме да реагираме, да предупредиме, да укажеме на оние аномалии што не не засегаат само нас. Но, се чувствува и замореност и истоштеност, просто не може да се опстои. Ќе бидеме навистина пример, и во регионот и пошироко, како земја која што не успеа да го истакне независниот културен сектор. Знаете, уште од 93 имаше сериозни независни иницијатицијативи кои својот врв го доживеаја меѓу 1998 и 2006, по што се тргна надоле.
Вашето предавање на Летната МОФ академија беше за пропагандата? Од каде интересот за оваа област и колку е застапена во Македонија?
Мојот интерес за пропагандата е од поодамна, уште пред да го освестам нејзиното постоење во голема мера во Македонија. Сметам дека за жал, нашите животи се обликувани на едно колективно несвесно рамниште, некогаш суптилно, некогаш многу агресивно и насилно, а ние сме соочени со загрозување на просторот на слободата. Историјата ни покажува дека копнежот по моќ и копнежот слобода одат рака под рака. Копнежот по моќ всушност ја артикулира пропагандата како таква.
Пропагандата очигледно е присутна во Македонија. Кој тука е желен по моќ?
Копнежот по моќ кај човекот е насушна потреба, јас тоа не го разбирам до крај, мислам дека тоа е израз на слабост на несигурност, таа потреба да се владее тоталитарно. Во нашата земја сведочиме, посебно последните години, за една навистина насилна приказна околу пропагандата и желбата за моќ и владеење која што не не води никаде, води кон уривање на општеството, на вредностите на општеството и ги дозволува оние гебелсови идеи дека партијата е она што е најважно. Значи партиите се спремни се да направат, со се да не задојат за да ги обликуваат нашите умови , желби и барања, според потребата да се закова засекогаш нивното владеење. Тоа е тоталитарна нарација и јас сум многу тажна бидејќи сега ни се случува ова.
Во продолжение може да го слушнете целосното интервју за Радио МОФ.
Intervju so Iskra Gesoska by Radio Mof on Mixcloud
Јасмина Јакимова