„WhatsApp“ плати казна од 197.000 евра до државните институции за заштита на податоци во Турција бидејќи прекршила закони за приватност, пренесува „Euronews“. Апликацијата, која е во сопственост на „Фејсбук“ не била доволно јасна за тоа како ќе ги процесира приватните податоци на корисниците.
Од државните институции за заштита на податоци во Турција изјавиле дека апликацијата треба да ги преземе соодветните мерки за да избегнува процесирање на приватни податоци на начин што ги прекршува турските закони. Оттаму додаваат дека „WhatsApp“ ќе треба да ја подмири казната, но и да ги промени правилата за приватност на начин што е соодветен со турските закони.
Претходно, „WhatsApp“ беше казнет од Ирска рекордни 225 милиони евра поради прекршување на правилата на приватност кои се поддржани и од европските регулации.
„Фејсбук“ исплати казна до Русија бидејќи не успеа да ги складира податоците на корисниците на „WhatsApp“ на локални сервери. Апликацијата се здоби со јавни критики во јануари, откако побара од корисниците да дозволат апликацијата да споделува повеќе нивни информации со „Фејсбук“.
Според турските институции, „WhatsApp“ е казнета бидејќи таа не им нудела „слободна волја“ на корисниците.
Во јануари, турските власти побараа од граѓаните да користат локална апликација за комуникација, создадена од страна на турскиот мобилен оператор „Turkcell“ наместо да користат „WhatsApp“.
Дел од турските државни институции објавија дека за комуникација со новинарите ја користат апликацијата „BiP“. Раст во употребата во Турција забележаа и апликациите „Signal“ и „Telegram“.
Шефот на турската Канцеларија за дигитална трансформација изјави дека странските апликации се сериозен безбедносен ризик за Анкара.