[Интервју] Стефанија Соколовиќ: Се бориме за спас на Демиркаписката Клисура од еколошка катастрофа

Од 2018 година во употреба е автопатската делница Демир Капија – Смоквица. Патот поминува низ два тунели во Демиркаписката Клисура, по течението на Челевечка Река која го пресекува карпестиот масив на клисурата. Компанијата која ги градела тунелите, по изградбата зад себе има оставено купишта градежен шут, кој е неразградлив.

За ова алармира Здружението Спортски Клуб „Клисура“ од Демир Капија, кои покренаа иницијатива наречена „Размислуваме зелено, делуваме одговорно“. Тие се трудат да пронајдат начин да се реши овој проблем, кој претставува закана за еколошка катастрофа на клисурата.

Во интервјуто за Радио МОФ Стефанија Соколовиќ од Спортскиот клуб „Клусира“, и проектен координатор на иницијативата „Размислуваме зелено, делуваме одговорно“, вели дека моменталната состојба во Демиркаписката Клисура е загрижувачка поради тоа што Челевечка Река е полна со платна за изолација, бетон, арматури, водоводни цевки. Движењето се одвива по натрупан градежен шут, околината е со исушени и исечени дрвја, а променетиот тек на реката целосно го има нарушено природниот сјај на клисурата.

Како овие отпадоци наштетуваат на природата?

Проблемот постои веќе три години, гарантниот рок за отстранување на отпадот, како и за пријавување на проблеми и забелешки од страна на општината е завршен пред повеќе од една година. Во овој период не се преземени никакви мерки од засегнатите страни во проектот.

Се работи за градежен шут кој е од неразградлива природа и претставува голема закана за еколошка катастрофа за Демиркаписката Клисура. Постојат места каде шутот е натрупан и до 2 метри висина. Отежнато е самото движење низ клисурата од цевките кои се расфрлани на различни страни, па дури и големи бетонирани парчиња кои се оставени во реката.

Платна за изолација низ Челевечка Река

На кој начин се справувате со проблемот?

За нашата иницијатива беше подготвена студија на случај за загадувањето во Демиркаписката Клисура, каде е опишана важноста на клисурата, анализиран и дефиниран е проблемот и сите засегнати и одговорни страни, приложени се законски рамки за повикување на одговорност од страна на предизвикувачите на проблемот, како и документација која досега е разменета помеѓу вклучените институции.

Со онлајн петиција, со чии потписи планираме да реагираме до сите одговорни страни за настанатиот проблем. Тука се вклучени: изведувачот на автопатската делница, грчката компанија „АКТОР“ и Агенцијата за државни патишта, поради нецелосно спроведување на мерките за заштита на животната средина, но и Министерството за животна средина со Државниот инспекторат за животна средина кои и покрај направениот инспекциски надзор, решавањето на проблемот го префрлаат на Општина Демир Капија, без одговорност за сторителот.

Дел од активностите на еко-кампот во Демиркаписката Клисура – Обуки за лобирање и застапување и запознавање со проблемот

СП „Клисура“ спроведе обуки, работилници и еко-камп за средношколци кои се запознаа со контрастот помеѓу настанатата еколошка катастрофа од градежниот шут и убавините и можностите кои ги нуди клисурата. Изработено е и видео, каде наративно и сликовито се прикажува проблемот со градежниот шут во кањонот, но и убавините и можностите кои ги нуди истиот, за да се сфати неговата важност.

Дали се обративте до локалната самоуправа?

Првично, реакциите до општината беа упатени токму од членови на нашиот спортски клуб, како и од алпинистите и спортските качувачи. Општината ги прифати нашите реакции и се обрати до одговорните страни за решавање на проблемот. Од нивна страна минатата година е испратено барање до изведувачот на работите, грчката фирма „АКТОР“, но од таму немаат добиено повратен одговор. Во Барањето е побарано да се отстрани отпадот кој е од неразградлива природа и претставува загрозување и опстојувањето на рибниот фонд (бојник) кој живее таму. Сè уште не се утврдени и испитани причините, но од добиени сведоштва од локалното население, односно од редовните рибари таму, добиена е информација дека присуството на бојникот веќе не се забележува во селото туку истиот се движи само во опсег од реката Вардар до стариот автопат, каде всушност и започнува отпадот.

Откако општината не добила повратен одговор од изведувачот, тие реагирале и до Државниот инспекторат за животна средина, од каде се утврдува дека решавањето на проблемот треба да остане на општината. Општина Демир Капија, е мала општина со ограничен буџет, па нема можности да го решава сама проблемот.

Нашето здружение Спортски Клуб „Клисура“ во склоп на иницијативата за решавање на проблемот со градежниот шут, со собраните 203 потписи, ќе реагира до Советот на Општина Демир Капија за спас на Демиркаписката Клисура.

Пластични водоводни цевки низ Челевечка Река

Што губат жителите на овој регион?

Во Демир Капија се наоѓа природната граница помеѓу континенталната и медитеранската клима. Во овој регион владее модифицирана медитеранска (субмедитеранска) клима која е и причината за постоењето на специфичната флора и фауна. Демиркаписката клисура претставува еден од најбогатите орнитолошки резервати во Европа по застапеност на ретки грабливи птици, а значајна е и од растителен аспект поради ретките и ендемични видови на растенија. Освен за биодиверзитетот, кањонот е од особена важност и за редовните посетители кои поради специфичната топла клима го користат за спорт и рекреација во текот на скоро целата година.

Според Националната стратегија за биолошка разновидност, локалитетот е прогласен значајно подрачје за птици – ЗПП (Important Bird Areas – IBAs) и Натура 2000, а самата Демиркаписка Клисура со Решение на Националниот институт за заштита на спомениците на културата е прогласена за споменик на културата и е дел од Националната Емералд мрежа, како и македонската еколошка мрежа.

Демиркаписка Клисура

Кањонот е исто така заштитена област (специјален резерват) поради шумата од чинар покрај Иберлиската Река со Решение на Националниот институт за заштита на спомениците на културата.

Ова парче природа од непроценлива вредност е значаен белег на Демир Капија и заради тоа е многу важно да се спаси од настанатиот проблем и да се заштити. Чистата и здрава животна средина е важна не само за локалното население, туку и за сите домашни и странски туристи.

Се консултиравте ли со Инспекторатот или Министерството за животна средина?

Реакциите кои досега успеавме да ги добиеме од институциите се дека општината треба да го реши проблемот. Реално проблемот е многу поголем и опфаќа повеќе одговорни страни, од изведувачот па се до Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за државни патишта поради нецелосно спроведување на мерките за заштита на животната средина и Министерството за животна средина со Државниот инспекторат за животна средина кои и покрај извшениот инспекциски надзор, решавањето на проблемот го префрлаат на општина Демир Капија, без одговорност за сторителот.

Тимот вклучен во спроведување на иницијативата „Размислуваме зелено, делуваме
одговорно“

Која е целта на иницијативата „Размислуваме зелено, делуваме одговорно“?

Иницијативата има за цел зајакнување на влијанието и вклученоста на граѓанското општество за решавање на еколошката катастрофа во Демиркаписката Клисура. Во партнерство со СОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Неготино се бориме да оставиме впечаток во јавноста со цел добивање на поголема поддршка и предизвикување на реакции од одговорните страни за нарушувањето на изгледот на клисурата. Со иницијативата е предвидено да постигнеме:

  • Зајакнување на капацитетот на граѓанските организации и средношколците за застапување и лобирање со цел да се заштити животната средина во кањонот на Демир Капија;
  • Поттикнување на еколошката свест кај јавноста и прифаќање на екологијата како дел од современиот начин на живеење, со цел спречување на штетни активности како последица на технолошкиот развој и извршување на дејности;
  • Предизвикување реакција и одговорност од јавните институции вклучени во процесот на решавање на случајот со градежниот отпад во Демиркаписката Клисура.

Целни групи кои се опфатени се: Општина Демир Капија, грчката компанија „АКТОР“, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за државни патишта, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина, како и бројните членови на еколошки и спортски здруженија, рекреативци и средношколци.

Самите средношколци, преку спроведувањето и активното учество ќе бидат спремни да се вклучат во поттикнување на локалното население да поддржува иницијативи за вакви или слични проблеми во иднина, како и успешно да спроведуваат кампањи за решавање на проблеми од животната средина.

Добиената поддршка на спроведената онлајн петиција е значаен показател дека сме успеале да допреме до населението и сите останати љубители на спортот и природните убавини, кои заедно со нас целат кон решавање на проблемот на Демиркаписката Клисура и враќање на нејзината првобитна состојба, па дури и подобрување на истата.

Фото: СК „Клисура“ – Демир Капија

Станиша Станковиќ