РЕК Битола лани емитирала повеќе сулфур диоксид од сите електрани во Германија заедно, а вклучувајќи го и ТЕЦ Осломеј, двете термоелектрани го загадиле воздухот со ПМ честички двојно повисоко од она што е дозволено во земјата. Според најновиот извештај на CEE Bankwatch Network и Centre for Research on Energy and Clean Air (CREA), подготвен во соработка со „Еко-свест“, загадувањето од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј во минатата година, и покрај пандемијата, е на истото високо ниво како и во 2019 година, објави Мета.
Извештајот нотира дека доколку емисиите на РЕК Битола биле доведени во законските граници, се претпоставува дека само во 2020 година би можеле да се спречат речиси 300 предвремени смртни случаи од рак, респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
Емисиите на сулфур диоксид остануваат најголем проблем кога станува збор за електраните на јаглен. Двата оџаци на битолската електрана, Битола Б1+Б2 (60.422 тони) и Битола Б3 (24.091 тони), се вели во најновиот извештај, остануваат најголем извор на сулфур диоксид во земјата. Ова се количини што се девет пати над она што е дозволено да емитува електраната и се повисоки од вкупните емисии на сулфур диоксид од сите електрани во Германија.
Емисиите на прашина (ПМ честички) исто така остануваат сериозен проблем. Со 3.684 тони од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј заедно, нивото е скоро исто како во 2019 и 2018 година – повеќе од двојно повисоко од тоа што е дозволено за земјата.
Загадувањето и последиците за здравјето на луѓето и животната средина продолжуваат и покрај тоа што, како што потсетуваат од „Еко свест“, Директивата за големи согорувачки капацитети – ЕУ Директива за намалување на емисиите на опасни супстанци, која што е пренесена и во македонското законодавство како дел од претпристапните обврски за ЕУ преку Спогодбата за Енергетската зедница, наложува земјава да ги има намалено емисиите од големите капацитети заклучно со јануари 2018 година.
„Во последните десет години нема скоро никаков прогрес во намалување на загадувањето од електраните на јаглен. Земјава и понатаму е сериозно зависна од јагленот како енергенс и покрај најавите за постепено негово напуштање. Но, дури и ако се остварат стратешките определби да се затворат двете електрани во наредните пет до седум години, недозволиво е тие да продолжат да загадуваат на овие нивоа. РЕК Осломеј мора итно да се престане да работи без понатамошни одложувања, а ТЕЦ Битола мора да ги намали работните часови за да намали барем дел од загадувањето што го предизвикува“, вели Невена Смилевска од „Еко-свест“.
Секако, додава таа, овој процес мора да е по принципите на праведна транзиција, каде што работниците и заедниците што зависат од работата на електраните на јаглен нема да бидат заборавени. Заради тоа веднаш треба да се започне со изработка на планови за оваа транзиција со сите релевантни страни, особено со најзасегнатите заедници.
Во трите години откако Директивата стана задолжителна за имплементација во земјите од регионот, електраните во Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово редовно емитуваат шест и повеќе пати повеќе сулфур диоксид отколку што е дозволено. Како резултат на ова, од 2018 до 2020 година, се проценува дека само од електраните на јаглен од Западен Балкан се предизвикани околу 19.000 предвремени смртни случаи. Скоро 12.000 од овие се предизвикани заради надминувањата на граничните вредности за емисии на загадувачи што значи дека би можеле да се спречат доколку земјите ги исполнеле своите законски обврски.
„Северна Македонија официјално има план за престанок на употребата на јаглен и ова е пример што треба да ги следат земјите од регионот. Но, работите мора да се одвиваат побрзо за да се овозможи максимална заштита на здравјето на луѓето. Мора интензивно да се инвестира во енергетска ефикасност, како и во сончева и ветерна енергија, за да може што побрзо да се случува планираната енергетска транзиција“, смета Давор Пехчевски, координатор за аерозагадување за Балканот во CEE Bankwatch Network.