Туристите во Венеција наскоро може да очекуваат да ги следи „Големиот брат“ од контролната соба во седиштето на полицијата во Венеција.
Со цел да се справи со премногу туристи, градот планира да го сними секој човек кој стапнува во градот.
За таа цел се поставени 468 камери за видео надзор, оптички сензори и системи за следење мобилни телефони. Тие можат да ги разликуваат жителите на Венеција од туристите, да видат од каде доаѓаат луѓето, каде одат и колку брзо се движат, пишува Ројтерс.
Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро вели дека неговата цел е одржлив туризам во градот, кој годишно го посетуваат 25 милиони луѓе. Сепак тој признава дека новите правила тешко ќе се спроведуваат.
„Очекувам протести, тужби, сешто… Но, имам обврска да го направам овој град погоден за живот на неговите жители, како и поднослив за оние кои сакаат да го посетат“, објаснува тој.
Бруњаро вели дека властите мораат да одлучат која е бројката на „премногу луѓе“, кога новите правила ќе стапат на сила некаде помеѓу следното лето и почетокот на 2023 година. Градот требаше да ги спроведе овие нови правила порано, но планот беше одложен поради пандемијата со Ковид-19.
За време на минатогодишниот карантин, жителите на Венеција можеа да уживаат во тесните улички без брановите туристи, а морето во лагуната стана чисто поради намалениот број на бродови. Сепак, со враќањето на туристите, на властите повторно им станува јасно дека Венеција нема да може да го издржи таквиот начин на функционирање.
„Постои физички лимит на бројот луѓе кои истовремено можат да бидат во градот. Не сакаме да оставиме никого, или да спречиме луѓе да доаѓаат во Венеција. Сакаме луѓето да резервираат однапред, да ни кажат каде сакаат да одат, што сакаат да посетат, со цел ние да им обезбедиме подобар квалитет на услугите“, објаснува Марко Бетини, директорот на ИТ компанијата „Венис“, која ќе се грижи зад системот за надзор.
Во Венеција денеска живеат околу 55.000 жители. Планот на Бруњаро е причина за жестока дебата – едни го поддржуваат, а други се плашат дека туристите со помалку финансиски средства ќе се откажат од нивното доаѓање.