Со централна прослава пред Собранието, Република Северна Македонија денеска одбележува 30 години од својата незаисност.
На 8-ми септември 1991 година 95 проценти од граѓаните кои гласаа на референдумот позитивно се изјаснија за самостојна и суверена Македонија, по што беше прогласена независност од Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв Претседател на самостојна и суверена Република Македонија.
Од првиот Устав, на 17 ноември 1991 година, па до членство во НАТО во 2020 година, Македонија се соочуваше со многу проблеми и предизвици.
Економска нестабилност на почетокот на 90-тите години и членство во Обединетите Нации под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“ поради спорот околу името со Грција, преку атентатот врз претседателот Киро Глигоров во 1995 година и конфликтот во 2001 година кој заврши со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски во 2004 година, па сè до скандалот со масовното прислушкувањето во 2015, која земјата ја втурнаа во најголемата политичка криза од осамостојувањето која заврши со крвави сцени кога се случи упад во собранието и физички беа нападнати пратеници во македонското Собрание.
Во 2018 година беше потпишан Договорот од Преспа со кој Република Македонија се обврза да го промени името во Република Северна Македонија со што беше одблокиран патот кон евро-атланските интеграции. Истата година од државата побегна и поранешниот премиер, Никола Груевски, кој иако осуден за корупција, наместо во затвор заврши како азилант во Унгарија. Во моментов земјава не може да ги продолжи интеграциите во Европската Унија поради блокада од Бугарија.
Денешната прослава започнува во 17:30 часот со изведба на „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ, по што ќе следи дефиле на здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, како и националните ансамбли и културно-уметничките друштва.
Според протоколот, официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната на Северна Македонија од Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат Претседателот на државата Стево Пендаровски, Претседателот на Собранието Талат Џафери и Премиерот Зоран Заев.
По обраќањето на Премиерот, односно од 19:30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.
Покрај официјалните гости и медиумите, на настанот можат да присуствуваат ограничен број граѓани, поради пандемијата со Ковид-19. Заинтересираните, повеќе детали за тоа како да присуствуваат на настанот можат да најдат на следниот ЛИНК.
Претседателот Стево Пендаровски денеска по повод Денот на независноста, со орден „8 Септември“ ќе ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.
Поради одбележувањето на празникот, затворени за сообраќај од 11 часот ќе бидат бул. „Кочо Рацин” на потегот од крстосницата со бул.„Кузман Јосифовски Питу” до ул.„Кирил и Методиј”, ул.„11-ти Октомври” на потегот од ул.„Крушевска Република” до ул.„Димитрие Чуповски”, ул. “Филип Втори” на потегот од бул.„Гоце Делчев” до ул.„11–ти Октомври”, Кеј „13–ти Ноември” на потегот од ул.„Филип Втори “до бул.„Кочо Рацин”, ул.„Мирче Ацев” на потегот од ул.„Филип Втори „до бул.”Кочо Рацин”, ул.„Димитрија Чуповски” на потегот од порта Македонија до бул.„Климент Охридски” и ул.„Даме Груев” од крстосницата со ул. „Македонија” до ул. „11-ти Октомври”.
Истовремено, поради најавени два протеста во Скопје денеска од 10:30 часот етапно ќе бидат затворени за сообраќај бул. „Гоце Делчев” на потег од ул. „Беласица” кон бул.„Илинден“ и бул.„Илинден” на потег од бул.„Гоце Делчев” до бул.„Климент Охридски”. Почнувајќи од 13:30 од плоштад „Скендербег“ до канцеларијата на ЕУ, етапно ќе бидат затворени за сообраќај булеварите „Гоце Делчев”, „Илинден” и „Климент Охридски”.
Полицијата апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници како и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.