Феминистичката платформа „Медуза“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, организираат обука за авторки, со што нудат менторски процес за пишување и објавување на истражувачки есеи во полето на родовата еднаквост. Оттаму информираат дека обуката има за цел да ги подготви учесничките за информирано, аргументирано и поткрепено истражување и пишување во дадената област и финализација на работата преку менторски процес.
Програмата е наменета за сите заинтересирани авторки, а особено студентки по новинарство и/или дипломирани новинарки, кои може но и не мора да се медиумски работници, но имаат докажан интерес за креирање на јавно мислење и активно менување на родовите наративи кои се пласираат во јавноста.
„Аргументираното и критичко пишување има потенцијал да ги зајакне девојките и жените во борбата против стереотипите, да помогне да испливаат потиснати приказни на површина, да креира простор за маргинализираните, да артикулира проблеми и предлага решенија и на тој начин да поттикне општествена промена“, велат од „Медуза“, додавајќи дека програмата е составена од целодневна обука која има за цел теоретски и методолошки да ги подготви избраните авторки, како и да ги разработи нивните предлог теми.
По обуката секоја авторка во договорениот рок ќе работи на финализација на својот истражувачки есеј со редовна менторска поддршка. Обуката ќе се одржи на 2 октомври, по што авторките ќе имаат 4 месеци за изработка на крајниот продукт. Секоја авторка ќе добие авторски хонорар од 200 евра, а програмата е предвидена за вкупно 6 авторки. Истражувачките есеи ќе бидат објавени на Медуза и други медиуми.
„Темите кои се од интерес на програмата се од областа на родово базираното насилство, различните видови и форми на дискриминација, родовите норми, стереотипи и предрасуди, институционалното (не)постапување, интерсекционалниот феминизам, медиуите и родот, но и други теми кои се занимаваат со микро и макро аспектите на родот, со јавните, но и приватните/интимните неправди и нееднаквости кои се резултат на системската поставеност“, велат оттаму.
Сите заинтересирани може да аплицираат со испраќање на кратка биографија(CV), писмо со мотивација, предлог тема од еден параграф, како и еден пример од свој пишан текст. Предлог темата треба да содржи работен наслов, краток вовед и централно прашање од интерес за истражувачкиот есеј.
Рокот за пријавување трае до 20 септември 2021 година, а апликацијата заинтересираните можат да ја испратат на info@meduza.mk со назнака „Апликација за програма за истражувачки есеи“.