Музичката група „21 век“ го објави третиот студиски албум насловен „Си нацртав живот“ кој од денеска, под етикетата на „Пасворд Продакшн“ е достапен на сите поголеми дигитални музички платформи.
Албумот, како што велат од продукцијата е сниман во периодот од 11 јануари минатата година до 17 јули годинава, во студиото „1060“ од Дени Крстев кој е и продуцент на изданието кое има осум нови песни.
„Со новиот албум групата се покажува во сосем поинакво светло од она на кое сме навикнати од нив во минатото. Tажните мелодии и љубовните текстови се основата на новиот албум и звук на ’21 век’ кој „Си нацртав живот“ го најавува како љубовно-исповедничка плоча, базирана на вистински настани“, се додава во соопштението на продукцијата.
Претходно групата го најави албумот со два сингла кои беа објавени и со видеозаписи во режија на Милан Блажевски. Првиот беше објавен во јуни за песната „Ужасно ми фалиш“, а кон крајот на август беше објавено и видеото за „Сама види си“.
Групата „21 век“ како што додаваат од продукцијата е изнедрена од пост-панк круговите на македонската алтернативна сцена и формиран од долгогодишните соработници и пријатели Васко Атанасовски, Дени Крстев и Раде Јордановски.