Државниот завод за статистика (ДЗС) соопшти дека Пописот денеска е прекинат поради надминување на помали технички предизвици. Од институцијата, сепак, додаваат дека до крајот на месецот успешно ќе биде спроведена оваа најобемна статистичка операција.
„Во тек е надминување на помали технички предизвици кои повремено се појавуваа претходните денови кога на терен имаше висок интензитет на попишување. Сите внесени податоци се успешно процесирани во системот, а техничките усогласувања се прават со цел процесот да продолжи со несмален интензитет. Досегашната динамика на попишувањето на терен е гаранција дека заклучно со 30 септември успешно ќе бидат попишани населението, домаќинствата и становите на територијата на целата земја“, соопштија од ДЗС.
Од институцијата додаваат дека за четири дена попишани се повеќе од 200 илјади граѓани во Северна Македонија.
Пописот започна на 5-ти септември, а од ДЗС изразуваат благодарност до сите граѓани кои се свесни за важноста од спроведување на оваа статистичка операција.