Децата постари од 10 години веруваат дека пандемијата ќе го промени остатокот од нивниот живот, со тоа што две третини од младите велат дека ќе трајно ќе бидат во понеповолна ситуација, покажува новата студија на британските истражувачи „Ко-оп“, пренесува Индепендент.
Истражувањето открива дека двајца од тројца млади изјавиле за конкуренцијата за вработување веќе е зголемена, што им предизвикува чувство дека е невозможно да се најде соодветна работа. Речиси третина од нив изјавиле дека пандемијата влијаела да размислуваат да не го продолжат своето понатамошно образование.
Студија на повеќе од 5.000 млади луѓе на возраст од 10-25-годишна возраст, покажува и дека половина од децата на училишна возраст сметаат дека заостанале во образованието изминатата година, при што две третини од нив чувствуваат притисок брзо да го надоместат заостанатото.
Од организацијата повикаа британската влада да размисли за назначување министер за млади кој ќе обезбедува дека младите се консултирани во процесот на носење одлуки.
„Младите луѓе се ДНК на иднината на земјата и ние едноставно не можеме да имаме ситуација во која повеќето од оваа „изгубената генерација“ се чувствуваат како да не можат да го сменат својот животен пат или да ги подобрат шансите за сопствениот живот, и каде поголема шанса за такво чувство има кај црнците и Азијците“, изјави Стив Мурелс, извршен директор на „Ко-оп“ групата.
„За да се надомести изгубеното и за да се осигураме дека ниту еден млад човек или заедница нема да заостане потребни ни се итни, храбри и заеднички активности помеѓу владата, бизнисот и образованието, со цел младите да бидат активно вклучени во носењето одлуки. Ние веруваме дека промените, како што е развојот на владината стратегија за млади и воведување на министер за млади со меѓусекторска одговорност, ќе овозможат подобро да се слушнат и исполнат потребите на младите“, додава тој.
За да помогнат во справувањето со влијанието од пандемијата, младите вклучени во студијата предложиле младински центри кои би го поддржале нивното образование, обуки и кариери, како и индекс за продуктивност на младите, кој би помогнал владата да сфати каде да се инвестираат пари и лична поддршка за оние кои се најзагрозени.