Рекорден број на активисти кои дејствуваат за заштита на животната средина биле убиени минатата година според извештајот на „Глобален Сведок“ (Global Witness).
Во 2020 година биле убиени вкупно 227 еко-активисти, што е највисока бројка која се регистрирани втора година по ред. Скоро третина од убиствата биле поврзани со експлоатација на ресурси – сеча на шуми, рудници, масовно земјоделство, хидроелектрани и друга инфраструктура.
Во новиот извештај жртвите се наречени еко-бранители, а авторите посочуваат дека тие биле убиени поради заштита на природните ресурси кои мора да бидат заштитени, како шумите, изворите и океаните.
Од Парискиот договор за климатските промени, потпишан во 2015 година, организацијата вели дека просечно по четири активисти се убиени секоја недела. Оваа шокантна бројка, според нив, веројатно е и повисока поради зголемените ограничувања на новинарските и другите граѓански слободи.
Крис Мејден, од „Глобален Сведок“ ги повикува владите сериозно да ја сфатат заштитата на овие активисти. Според него, компаниите мора да започнат да ги ставаат луѓето и Планетата пред профитот, или пак во спротивно, предупредува, и уништувањето на климата и убиствата ќе продолжат.
„Овие податоци се уште еден силен потсетник дека борбата со климатската криза носи неверојатно тежок товар за некои луѓе, кои ги ризикуваат своите животни за да ги спасат шумите, реките и биосферите кои се клучни за да се спречи неодржливото глобално загревање.
Индустријата со најмногу жртви е сечата на шуми, каде се забележани дури 23 убиени еко-активисти, најголем дел од нив во Бразил, Никарагва, Перу и Филипини.
Третина од случаите вклучува домородно население, кое најчесто е на фронтот на климатските промени, додека најголем број на регистрирани убиства имало во Колумбија, каде биле убиени дури 65 активисти минатата година.