Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во среда (15 септември) од 20 часот, па се до 15 октомври ќе биде отворена главната изложба на „Допирот“, дел од „Ние сме тука: идни екологии“, мултимедијален проект со Националната галерија на РС Македонија во организација на кураторот Ана Франговска, а во партнерство со Британскиот совет и „Лукс“.
Програмата „Ние сме тука: идни екологии“ се состои од компилација од четири дела со подвижни слики од колекцијата на „Лукс“: Уриел Орлоу, „Muthi“, 2016; Луис Хендерсон, „All That is Solid“, 2014; Шарлот Проџер, „LHB“, 2017; Бен Риверс, „Urth“, 2016 и ќе бидe претставенa во рамки на македонскиот проект „Допирот“ заедно со делото на Бедвир Вилијамс „Ѕвезден гласник“, 2013, дел од колекцијата на Британскиот совет.
„Допирот“ вклучува и тројца македонски уметници и проекти кои се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, маргинализација, правење убавина од грдото итн., и тоа: Кристина Пулејкова со проектот со подвижни слики и видео во виртуелна реалност „Место на спојување“, Велимир Жерновски со мултимедијалната инсталацијата „Зад црнилото“ и Елпида Хаџи-Василева со комплексната просторна инсталација „Silentio Pathologia“.
„Изложбата ќе биде придружена со голем број активности со помош на кои ќе се продлабочи дебатата околу мошне актуелното и горливо прашање за заштита на животната средина и развивање на свеста со помош на уметноста како медиум, и тоа: отворени онлајн разговори со уметниците и кураторите, панел-дискусии, работилници за млади и возрасни поврзани со екологија и уметност на подвижни слики, работилница за инклузија на лица со посебни потреби, конференции, презентации на интердисциплинарнаи соработки помеѓу дивергентни факултети чии истражувања ќе бидат претставени пред јавноста, куратоски водства низ поставпката итн. Детална приружна програма ќе биде објавена на нашата веб страна и на социјалните медиуми, а за сите отворени настани ќе биде објавен и линк за регистрација“, се вели во најавата.
Проектот е овозможен од Британскиот совет и „Лукс“, а е потпомогнат и од Министерството за култура на РС Македонија.