Продолжува трендот на незаинтересираност на институциите за справување со родово базираното насилство, што се согледува во одолговлекување на процесот и завршувањето на активностите, е генералниот заклучок од денешниот завршен настан за улогата на граѓанскиот сектор во спроведување на Истанбулската конвенција.
За работата на граѓанските организации на ова поле се говореше низ призмата на нацрт извештајот во сенка за GREVIO комитетот (групата експерти за акција против насилството врз жените и семејното насилство, која ја набљудува имплементацијата на Истанбулската конвенција), а кој го подготвуваат членки на Платформата за родова еднаквост.
Ирена Спирковска од UN Women рече дека GREVIO ја препознава важната улога на граѓанските организации како витален извор на информации. Организациите кои работат во областа на родово базираното насилство се клучни во имплементацијата на Истанбулската конвенција, а државите имаат правна обврска да ја поддржат нивната работа.
За предизвиците при процесот на мониторирање на Националниот акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција и собирање на потребните податоци зборуваше Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Според неа, и покрај усвоениот акциски план и насоките од премиерот до другите институции, во периодот пред пандемијата само четири министерства изработиле оперативни планови за 2019 година и јавно ги објавиле, а од 46 предвидени активности само шест се комплетно завршени. Димушевска појасни дека сите податоци биле прибрани преку доставување барања за информации од јавен карактер, но со оглед на тоа што голем дел од нив биле неупотребливи, се одржале дополнителни разговори и средби со институциите со цел да се дојде до веродостојни информации за подготовка на извештајот. Таа изрази разочараност од одбивањето на МТСП да биде дел од подготовката и објавувањето на извештајот, иако ова министерство го има мандатот во областа и во имплементацијата на Националниот акциски план.
Како единствена претставничка на институциите, на настанот се обрати Сандра Кимевска од Министерството за труд и социјална политика, која истакна дека имплементацијата на Истанбулската конвенција не е лесна и не се прави само со законски измени, туку со создавање клима на нетолеранција за насилството и ефективно гонење на сторителите.
Таа посочи дека поради пандемијата опаднаа капацитетите и можностите на институциите и тие не ја следат динамиката предвидена со Националниот акциски план. Кимевска се осврна на придобивките од досега усвоените закони во насока на подобрување на правата на жените и посочи дека е неопходно да се стандардизираат сервисите за жртви на насилство според насоките од Конвенцијата. Таа апелираше до граѓанските организации да ги лиценцираат своите услуги заради поголема ефикасност во спречување на сите форми на насилство врз жената.
Тања Иванова од истражувачка организација РЕАКТОР, која беше дел од тимот кој го подготви извештајот во сенка за GREVIO комитетот, оцени дека Истанбулската конвенцијата не е приоритетно прашање, особено во услови на криза. И покрај обврската за водење статистика, нашата земја сѐ уште го нема услогласено домашниот систем со критериумите наложени со Конвенцијата. На многуте барања до различни институции се добивал одговор кој само упатува на друга институција (најчесто МТСП), иако сите се задолежни да ги исполнуваат своите обврски.
Според неа, се потврдуваат искуствата дека поврзаноста и координацијата не се на ниво – што се согледува и во добивањето различни одговори од две одделенија на иста институција. Треба да се работи и на проблемот со непочитување на роковите и на подобрување на респонзивноста на институциите. Сепак, Иванова нагласи дека вклучените граѓански организации ќе се потрудат на GREVIO да му достават опсежен извештај, а дотогаш останува да се координираме и да работиме поздружено и поефективно.
Инаку, оваа активност е во рамки на проектот „Градење капацитети на граѓанските организации за изработка на GREVIO извештај во сенка’’, поддржан од UN Women, а имплементиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Бојана Јованоска од Хелсиншкиот комитет посочи дека преку овој проект се издигнуваат постоечките капцитети на граѓанските организации за пишување извештаи во сенка, а работата на ваквиот извештај за GREVIO значеше за првпат да се работи покоординирано и заеднички. Со оглед што, покрај националниот извештај, GREVIO се потпира и на информациите од граѓанскиот сектор, заедничкиот извештај му дава поголема тежина на целиот процес.
Јовановска појасни дека изработениот прв нацрт извештај ќе биде дополнуван во наредниот период и ќе биде доставен до GREVIO во согласност со рокот за известување на нашата земја, кој засега е одреден за јуни 2022 година.