Во склоп на европска турнеја во 2022 година, а во рамки на фестивалот „Таксират“, култниот музички феномен „Dead can dance“ на 23 и 23 мај 2022 година ќе одржи два концерта во МНТ во Скопје.
Австралиското дуо Лиса Џерард и Брендан Пери за концертите најавија преку официјалниот сајт и својата фејсбук-страница, додека потврда стигна и од тимот на „Таксират“ кои напишаа: „Волшебните Dead can dance конечо во Скопје!“.
„Dead can dance“ се формирани во 1981 година, а својот музички полет го започнуваат во 1984 со истоимениот албум „Dead can dance“. Досега имаат издадено вкупно девет студиски музички дела, добивајќи култен статус со нивниот авангарден, етеричен и мистичен звук, при што фузираат жанровски со ворлд мјузик, неокласичниот дарк вејв, арт рок, готик рок…
Дуото во 1998 година престана да прави музика заедно, но потоа се собраа накратко во 2005 година за светска турнеја. Се реформираа во 2011, кога го објавија новиот албум „Anastasis“. Во 2018 следуваше нов албум „Dionysus“ и повторно се на турнеја од средината на 2019 година.