На 16 септември со почеток во 12 часот во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје ќе се отвори изложбата на истражувачкиот проект на Владимир Јанчевски насловен „Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа“.
Проектот, како што се наведува во најавата, претставува резултат од повеќегодишен истражувачки процес на Јанчевски, кој се однесува на антифашистичката фотомонтажа и визуелната култура во периодот помеѓу двете светски војни.
„Овој проект, поврзувајќи ги старите искуства на пионерите на медиумот со фокус на случајот на Џон Хартфилд има за цел да ја разгледува и анализира новонастанатата ситуација, на политичките судири и сликовните конфликти, осврнувајќи се на улогата на визуелната сфера во современата епоха и начините на кои новите медиуми влијаат врз форматирањето на комуникацијата и формирањето на свеста“, стои во најавата за настанот.
Меѓудругото, на изложбата ќе можат да се видат авторски дела на Џон Хартфилд и негови современици како Јосеп Ренау, Мануел Монлеон, Борис Клинч и други.
Проектот е поддржан од Министерството за култура како дел од Годишната програма за финансирање проекти од Национален интерес во областа на ликовната уметност, дизајнот и архитектурата за 2021 година.