Тимот на Радио МОФ составен од новинарите Јасмина Јакимова, Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски и Емилија Петреска ја доби првата награда на годинешниот конкурс за најдобра истражувачка сторија објавена во 2020 година. Наградата на Европската Унија за истражувачко новинарство беше доделена за регоналната сторија за балканскиот рис во две продолженија „По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави” и „Недопирливите убијци на балканскиот рис”.
„Разочарувачки е тоа што и повеќе од една година од објавата, институциите не се најдоа погодени да реагираат на наодите кои буквално на тацна им се дадени. Каква иднина воопшто имаме со оглед на тоа што продолжуваме да ги уништуваме еко системите, продолжуваме да го уништуваме живеалиштето на балканскиот рис и на целото шриродно богатство кое го имаме, а со тоа и самите си се уништуваме. Јас би ја искористила оваа прилика, да упатиме апел пред се до институциите и до јавноста, да не дозволиме балканскиот рис да не остане само на петденарката, туку да си го зачуваме и по планините“, истакна Емилија Петреска од Радио МОФ.
Претседателката на тричлената жири комисија, Марина Костова, појасни дека дека одлуката за трите наградени стории била донесена едногласно. На конкурсот биле пријавени 27 стории, од кои 13 влегле во потесен круг.
Сторијата на Радио МОФ од жирито беше насловена и како приказна на иднината.
„Приказната ги открива системските пропусти во трите држави, непочитување на законите и злоупотреба на моќта. Приказната се занимава со прашање за кое „нема време“ во дневно-политичко брзо новинарство, сведено на сензационализам и борба за кликови, прашање што во исто време е неверојатно релевантно и важно за сите нас, а тоа е односот и грижата за животната средина во која живееме. Затоа што целата иднина на човештвото и на живиот свет на планетата Земја зависи од тој однос. Приказната на Радио МОФ што го следи балканскиот рис низ Македонија, Албанија и Косово е првиот, и на некој начин многу успешен обид да ја потсети јавноста, но и политичарите, дека ова е приказна на иднината“, стои во одлуката на жирито.
Втората награда ја освои редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за серијалот „Пандемско профитерство: Другата страна на приказната за КОВИД-19“. Третонаградени беа Кристина Озимец и Влатко Стојановски за сторијата „Министерство за политички систем скроено за политички цели“ објавена на „Пина“ и „Само прашај“.
„Наградите од Европската Унија за истражувачко новинарство“ на Западен Балкан и Турција има за цел да ги истакне и промовира извонредните постигнувања на истражувачките новинари, како и да ја подобри видливоста на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и Tурција. Наградата е продолжение на регионалната „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“ во земјите од Западен Балкан и во Турција и е дел од тековниот проект „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција“ администриран од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БиХ) во партнерство со седум медиумски организации.