Седмо издание на „Крушево низ корија“

Викендов на 18 и 19 септември во Крушево ќе се одржи по седми пат фестивалот на отворено „Крушево низ корија“.

Учесниците ќе имаа можност да кампуваат на Мечкин камен, да се рекреираат со планински велосипедизам, планинарска тура низ крушевската корија и тандем летови со параглајдер.

Велосипедската тура ќе се вози во недела (19 септември) на три патеки :

Мала МТБ тура „Крушево низ корија„ – Турата е со должина од 15км и елевација од околу 300 метри и е лесна тура за лица со нормална физичка подготвеност препорачлива за секој рекреативец.

Средна МТБ тура „Крушево низ корија“ – Турата е со должина од 30 км и елевација од 700 метри и е средно тешка тура 7/10 за лица со просечна физичка подготвеност.

Голема МТБ тура „Крушево низ корија“ – Турата е со должина од 40 км и елевација 1000 метри категоризирана како тешка тура.

Покрај ова, во недела ќе се одржат и тандем летови со параглајдер од 10.00ч – 19.30 часот.

Планинарската тура, пак, ќе се одвива на релацијата Мечкин Камен – Крушево, во должина од 14 км. Таа е средно тешка тура.

„Во 80%од патеката се движиме низ крушевската корија која изобилува со сенка, што е мошне пријатно за топлите августовски денови. Во текот на турата ќе се посетат двата манастири св. Василиј и св. Спас (каде што ќе има пункт со освежување). Во текот на патеката има пивка вода за пиење. Турата завршува во Крушево каде учесниците ќе можат да ги посетат културните знаменитости“, се вели во најавата.

Фестивалот е во организација на Форумот за Авангардна Креативност (ФАК) од Прилеп во соработка со Општина Крушево. Оттаму посочуваат дека активности ќе се одржуваат придржувајќи се до пропишаните мерки и уредби од Владата на Република Северна Македонија.