Вчера попладнето добивме информација дека во Собранието повторно се поднесени измени на Изборниот законик по скратена постапка. Текстот на Законот е вчера, на 15 септември 2021 година, во еден ден усвоен на Комисијата за политички систем, усвоен на Законодавно-правната комисија и усвоен на итна 52. седница на Собранието, реагираа денес од Зелен хуман град (ЗХГ), кои бараат измените да бидат предмет на транспарентна расправа, а претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува законот.
Овојпат, велат тие, праговите за потписи за независни листи не се предмет на измените, но, се предвидува можност за повлекување на кандидатските листи по нивно потврдување од ДИК.
„Се воведува нов став во Член 67 со следното образложение: ‘Се овозможува на сите партии или подносители на независни листи да можат да ги повлечат листите во рок од 48 часа од нивното потврдување во изборните органи…’. Внесувањето на ваква измена во членот 67 го прави законот контрадикторен сам на себе! Впрочем, за секоја кандидатура е неопходна писмена согласност од кандидатот, која е неотповиклива. Како тогаш може листите да бидат повлечени, кога кандидатите дале неотповикливи изјави? Со која цел е предложена ваквата измена на Изборниот законик?“, прашуваат од ЗХГ.
Понатаму прашуваат дали оваа измена решава постоечки проблем, или, велат тие, овозможува „златни 48 часа што служат за притисок врз политичките партии и независните листи за нивно повлекување, во очи на изборите?“
„Воедно, со измените се предвидува овозможување на гласање со истечени лични документи. Неодговорноста на институциите поради што голем број на граѓани останаа без нови лични документи не смее да се покрива со вакви правни преседани! Сметаме дека носење на измени на Изборниот законик на веќе започнат изборен процес го урива владеењето на правото и претставува грубо нарушување на правната сигурност. Овие ‘демократски практики’ за жал нè потсетуваат на владеењето на една мината власт“, стои во реакцијата на ЗХГ.
Зелен хуман град бараат измените на Изборниот законик да бидат предмет на јавна и транспарентна расправа и да бидат поднесени по завршувањето на изборниот процес, повикувајќи го и Пендаровски да не го потпишува законот.
„Го повикуваме да не дозволи погребување на правниот поредок во Македонија!“, се вели во реакцијата.