Движењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални кој е во затвор од јануари, ги обвини компаниите „Гугл“ и „Епл“ дека попуштиле пред уцените на Кремљ, со тоа што ја отстраниле апликацијата што овозможува организација на гласање против партијата на претседателот Владимир Путин, пренесува „Н1“.
„Денес во 8 часот по руско време, ‘Гугл’ и ‘Епл’ ја отстранија нашата апликација ‘Навални’ од своите продавници. Со други зборови, тие попуштија пред уцените на Кремљ“, објави на Телеграм, Леонид Волков, соработник на Навални кој е во егзил.
Со оглед на тоа што на ниту еден противник на Кремљ не му беше дозволено да се кандидира на парламентарните избори, опозицијата воспостави стратегија за „паметно гласање“ дизајнирана да го поддржи кандидатот кој е најдобро пласиран за да ја победи владејачката Единствена Русија.
Апликацијата им овозможува на корисниците да знаат за кој кандидат да гласаат во нивната изборна единица. Оваа стратегија претходно успеа, особено во Москва во 2019 година.
Утрово, како што наведуваат медиумите, апликацијата веќе не била достапна во продавниците на „Гугл“ и „Епл“ во Русија.
Американските компании досега се немаат огласено за овие тврдења.
Во Русија денеска започнаа парламентарните и локалните избори, кои ќе траат три дена, со цел да се ограничи ризикот од епидемијата со коронавирусот.